Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими денеска во Атина ќе се сретне со министерот за надворешни работи на Грција, Димитрис Аврамопулос.
Како што соопшти кабинетот на Бесими, на средбата ќе се разговара за билатералната соработка и за европските интеграции.
Посетата на Бесими на Атина ја најави и грчкото Министерство за надворешни работи, но без да соопшти други детали за планираната средба со Аврамопулос.
Грчкиот весник „То Вима“ денешната средба на шефот на грчката дипломатија со вицепремиерот Бесими ја става во контекст на, како што се наведува, „барањето од страна на Атина канали за комуникација во Скопје во обид да се олесни решавањето на ќор-сокакот околу прашањето за името, и покрај непопустливоста на премиерот Никола Груевски“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, во написот спроти посетата под наслов „Се бараат соговорници во Скопје“, весникот пишува дека Бесими е од албанската партија ДУИ, која е дел од владината коалиција и се смета за умерен политичар. Воедно, потсетува дека тој веќе се има сретнато со Аврамопулос во времето кога двајцата функционери беа министри за одбрана.
Коментирајќи ја средбата Аврамопулос-Бесими, висок дипломатски извор за „То Вима“ изјавил: „разговараме со секој што сака да соработува“.
Весникот наведува дека „Албанците во Македонија жестоко ја поддржуваат евро-атлантската перспектива на Скопје и Атина понудила експертиза за некои прашања во согласност со договорот меѓу претходникот на Бесими, Теута Арифи со поранешниот грчки вицепремиер Теодорос Пангалос“. Досега имало и две средби на технократско ниво меѓу двете страни, потсетува грчкиот весник.