Во Албанија не стивнуваат реакциите по најавите од грчка страна дека морската граница во Јонското Море ќе ја прошируваат од шест на дванаесет милји од копното. Денеска реагираше шефот на државата Илир Мета, а со повторна реакција се јави и премиерот Еди Рама.
Користејќи латинска изрека, премиерот Рама попладневната реакција на Фејсбук ја почнува со реченицата „незнаењето не е аргумент“ а за наводната согласност на неговата влада за отстапување дел од албанската морска шир ја нарекува лажна вест.
– Скандалозно изобличување на изјавата на шефот на грчката дипломатија Дендијас. Ние не ја користиме моќта на штета на националниот интерес. Морската граница не е како ограда помеѓу две куќи и кога грчките власти ќе речат дека ќе се прошириме од 6 до 12 милји, тоа не значи дека Грција ќе ги окупира албанските територијални води, туку дека соседната држава едноставно го остварува правото што произлегува од Конвенцијата за законот за море, усвоен во 1982 година, напиша меѓу другото премиерот.
На крајот од реакцијата, Рама вели дека гарантира оти неговата партија никогаш не работела на штета на националниот интерес.
– Јас и Социјалистичката партија, можеби имаме многу маани, може сме направиме многу грешки, но никогаш, никогаш не ја користиме власта на штета на националниот интерес. Оваа доблест ја карактеризира оваа партија од денот на формирањето и за разлика од другите, кои од незнаење или алчност или и двете, повеќе од еднаш беа закана по националниот интерес во овие 30 години демократски плурализам, порача Рама.
Со ова, премиерот индиректно ја искритикува актуелната опозициска Демократска партија, која кога беше на власт во април 2009 година тогашните шефови на дипломатиите на двете земји, Љуљзим Баша и Дора Бакојани, во присуство на премиерите Сали Бериша и Костас Караманлис, во Тирана го потпишаа договорот за поморското разграничување и за обележување на границата. Но, Уставниот суд на Албанија следната година го прогласи договорот за неуставен.
Претседателот Илир Мета од Валона, каде присуствуваше на свеченост, рече дека докрај ќе стои зад одлуката на Уставниот суд.
– Албанците мора да бидат сигурни дека Претседателот секогаш ќе го штити Уставот. За односното прашање, тој ќе ја почитува одлуката на Уставниот суд и тоа треба да го сторат сите наши институции, изјави Мета при престојот во Валона.
Во синоќешната прва реакција, пак, Рама рече дека „морето и копното не се подаруваат како облека“ и им порача на сите пред да коментираат за вакви теми и да се заштитат од големи лаги, да седнат, прочитаат и да се информираат.