Вооружени припадници на неколку либиски паравоени формации и натаму под опсада држат две министерства во Триполи, иако Парламентот на Либија вчера го усвои контроверзниот закон, чие донесување тие го поставија како услов за деблокирање на зградите.
Претставникот на паравоените формации Осама Кабар денеска изјави дека тие нема да се повлечат од пред министерствата за правда и за внатрешни работи, се „додека не падне Владата на (либискиот премиер) Али Зејдан“.
– Решени сме да останеме се додека не се тргне Али Зејдан, нагласи Кабар.
Вооружените лица вчера ветија дека ќе се повлчеат од пред министерствата, откако беше усвоен Законот со кои на функционери од режимот на поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи им се забранува да извршуваат јавни и политички функции.
Кабар нагласи дека усвојувањето на Законот претставува „голем исчекор во вистинска насока“, но дека на припадниците на паравоените формации им е потребно време за да „разгледаат некои одредби“ од законскиот текст.
Владата на Зејдан пред неколку недели започна кампања за разоружување на припадниците на паравоените формации во Триполи.