Капитенот на Манчестер Јунајтед и англиски репрезентативец, Хари Мегваер, е уапсен на грчкиот остров Миконос, каде бил на летување, откако нападнал туристи и се тепал со грчки полицајци.
Од тепачката е објавена и снимка, на која се гледа како фудбалерот и неговиот поранешен соиграч Крис Хјуз, влегуваат во тепачка со група туристи, најверојатно исто така Британци.
Според очевидците, Мегваер заедно со неговите пријатели ги навредувале и плукале, а потоа и ги нападнале со тупаници локалните полицајци кои пристигнале да спречат конфликт меѓу двете групи туристи, по претходна пријава од жител на островот. Откако се спротивставиле на апсењето, па биле совладани, тројцата приведени им нуделе пари на полицајците како поткуп.
Мегваер бил приведен, а веднаш потоа и изведен пред судија. Според официјалното соопштение на грчката полиција, со фудбалерот биле уапсени уште двајца, а на товар им се ставаат повеќе дела, како насилство, нарушување на јавниот ред и мир, напад на службено лице, непочитување на судот, како и обид за поткупување службени лица.
Манчестер Јунајтед денеска соопшти дека тимскиот капитен „во целост соработува“ со грчките истражни органи.