Претседателот Стево Пендаровски денеска имаше средба со Гена Теодосиевска, директорка на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и Игор Иванов Изи, претседател на ДФРМ и основач на ИФФК „Браќа Манаки“, за да се запознае со тековните подготовки за годинешното 41-во издание на фестивалот.
Поради пандемијата на КОВИД-19, Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки наместо со традиционалните проекции, ќе се реализира преку дигиталните платформи, а единствениот настан во Битола ќе се одржи на 19 септември.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, Пендаровски, изразувајќи жалење што годинешното издание на фестивалот не може да се реализира во препознатливиот формат, ги поздрави напорите за одржување на континуитетот на фестивалот, како еден од најзначајните културни настани во нашата држава, со негова реализација преку алтернативни форми.
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се одржува под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија.