Илјадници православни верници денеска учествуваа на традиционалната церемонија „Свет оган“ што се одржува во „Базиликата на светиот гроб“ во Ерусалим, каде, според евагелијата, Исус Христос бил распнат на крстот, погребан и од каде воскреснал.
Церемонијата се одржа во услови на засилени безбедносни мерки, при што израелските безбедносни сили поставија неколку десетици контролни пунктови на кои се проверуваа сите верници кои сакаа да влезат во стариот дел на Ерусалим.
На традиционалната церемонија „Свет оган“, која ги симболизира вечноста, мирот и возобновувањето, покрај локални жители, присуствуваа и голем број верници од странство, пред се од Источна Европа и од арапските земји.
Согласно традицијата, на почетокот на оваа церемонија, која датира од четвртиот век, од „Базиликата на светиот гроб“ со запалена свеќа во раката излезе православниот ерусалимски патријарх Теофил Трети кој извика: „Аксиос“ („Достоен е“). По ова верниците почнаа да палат свеќи од пламенот на свеќата на патријархот. Традиционално „Светитот оган“ потоа од Ерусалим се пренесува во Витлеем, каде според евангелијата, е роден Исус.