Кандидатот на демократите на претседателските избори во САД, Џозеф Бајден, ја назначи сенаторката Камала Харис за кандидат за функцијата потпретседател на државата.
Одлуката на Бајден е историска затоа што Харис ќе биде првата црна жена во историјата на САД што ќе биде кандидат за претседател или за потпретседател на државата.
Поранешниот потпретседател на САД, за време на администрацијата на Барак Обама, призна дека црните гласачи ќе играат важна улога во неговите напори да го поразат актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп, на изборите на 3 ноември.
„Имам голема чест да објавам дека ја избрав Камала Харис, бестрашен борец за малиот човек и еден од најдобрите јавни службеници во земјата, како кандидат за потпретседател. Заедно ќе го победиме Трамп”, објави Бајден на Твитер.
Харис, е 55-годишна адвокатка и сенаторка од Калифорнија.
Таа е една од најпознатите личности на таа партија и брзо стана фаворит за позицијата кандидат за потпретседател кога се откажа од борбата за Белата куќа.
Пред да влезе во Сенатот, таа беше министерка за правда на Калифорнија шест години, а пред тоа беше окружен правобранител во Сан Франциско.