Во општина Гостивар има можности за почеток на учебната година со физичко присуство на учениците и наставниците што е еден од предложените модели. Предлог-програмата за работа на 1500 наставници и речиси десет илјади ученици ќе чека на одлуката од централната власт, по што ќе биде јасно дали учебната година ќе почне од дома или во училишните клупи.
Претставниците на општина Гостивар, кризниот штаб и раководствата на 14 училишта денеска имаа состанок на кој дадоа појасна слика за почетокот на учебната година и одвивањето на наставниот процес.
– Од понудените три модели, повеќето од директорите рекоа дека има можности за физичко присуство. Проблем како да се организира наставата ќе има во две училишта -средното медицинско и ОУ „Гоце Делчев“, каде што има повеќе ученици. Иако има доволно просторни услови, директорите на училиштата забележаа дека проблем ќе биде одржувањето на хигиената, превозот и распоредот на одморите. За да се реализираат предложените протоколи, потребни се дополнителни финансии, кои ќе треба да се обезбедат пред почетокот на наставата, изјави Аслиан Снопче, одговорна за образование во општина Гостивар
На состанокот присуствуваше и синдикалниот претставник на наставниот кадар. Тој препорача при изборот на моделот по кој ќе одвива наставата да се води сметка за работничките права. За синдикатот СОНК е важно да се земе предвид работното време кое не треба да надмине 40 часови и заштита на хронично болните.
– Иако баравме унифициран модел за онлајн-настава, министерството не го реши. Тоа, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19 ќе биде единствена опција. За жал, тоа сега ќе остане на општините тие сами да го решаваат, рече Тафа Амети од регионалниот одбор на СОНК.
На состанокот беа искажани и забелешки за краткиот рок во кој треба да се направи предлог програма и да ги консултираат и родителите. А како особено важно е истакнато дека неспроведувањето на мерките може да предизвика ширење на корона вирусот. Во таков случај одговорноста ќе падне врз образовните институции и нивните раководства.
Предлог-програмата на општина Гостивар треба да биде изготвена до петок и испратена до ресорното министерство.