Рационалната употреба на водата го заштитува не само водоснабдителниот систем туку и правото на секој граѓанин за нормално водоснабдување, велат од скопски Водовод и канализација, од каде апелираат за штедење на водата во летните месеци.
„Дневните навики на граѓаните придонесуваат во заштитата на водоснабдителниот систем и квалитетот на водоснабдувањето до секој дом. Преку три чекори зголемете ја разумната и совесна употреба на водата и одговорноста во вашето однесување во однос на заштита на водоснабдителниот систем:
1. При туширање, миење заби и раце или миење садови, осигурајте се дека водата не тече додека не ја употребувате. 2. Осигурајте се дека машината за садови и за алишта, пред употреба се целосно наполнети.
3. Редовно проверувајте ја исправноста на состојбата на чешмите, казанчињата и видливите цевки во домот.
Наша должност е да одлучиме да бидеме одговорни и да се однесуваме совесно во насока на рационална и разумна употреба на водата, за да има за сите, денес, утре и во иднина,“ велат од Водовод и канализација.