Грците во Канада протестирале до еден локален весник за употребата на уставното име на Македонија и придавката „македонски“ во неговиот извештај за посетата на претседателот Ѓорѓе Иванов на Канада.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, претседателот на грчката организација во Канада АХЕПА Џорџ Василас испратил писмо до весникот „Нешнл Пост“ во кое протестира за употребата на Македонија и македонски во неговиот напис.
– Не сфаќаме како современите жители на античка Пајонија, кои зборуваат словенски – јазик воведен на Балканот околу еден милениум по смртта на Александар – можат да тврдат дека тој е нивни национален херој. Александар Велики бил целосно и неоспорно Грк. Неговиот пра-пра-прадедо, Александар Први, се натпреварувал на Олимписки игри на кои можеле да учествуваат само Грци, пишува Василас и наводите ги аргументира со „писмо испратено до американскиот претседател Барак Обама во 2009 година потпишано до 373 експерти по грчко-римска антика“.
Иако текстот во „Нешнл Пост“ беше негативен и во него се тврдеше дека посетата на претседателот Иванов на Канада „поминала незабележано од медиумите“, Грците во Канaда сепак не се задоволни.