Во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар вечер од 20 часот ќе биде отворена изложба на фотографии „Она што го гледаме за последен пат“ на Дарко Николовски, историчар на уметноста и кустос советник во Конзерваторски центар Скопје.
Изложбата ќе прикаже фотографии од сакрални објекти и рурална архитектура од маргините на Скопскиот Регион, споменици од поствизантискиот период, кои покрај монументите од средовековието, ја пополнуваат сликата за непрекинатиот сакрален живот во Скопската епархија.
Според авторот на изложбата, таа ќе го прикаже богатото културно наследство – црквите и манастирите, но и народното градителство, првенствено експонирано во позначајните објекти, репрезенти на старата рурална архитектура, кои и покрај видно нарушената состојба, сведочат за автентичноста и континуитетот на македонската градителска и зографска традиција.
Целта на изложбата е подигање на свеста кај јавноста за поголема грижа и заштита на македонското културно наследство. Изложбата во Домот на културата „Илинден“ во Демир Хисар ќе биде отворена до 14 август.