Ситуацијата во соседна Бугарија и понатаму е тензична, несогласувањата меѓу демонстрантите и бугарската влада не запираат, се чини дека крајот на кризата во државата не е на повидок двонеделните протести и вчерашните оставки на четворица министри од владата на Бојко Борисов.
Демонстрантите велат дека владата на актуелниот бугарски премиер е корумпирана и дека постои само за да ги заштити мафијашите и олигарсите во земјата, а тој како „одговор“ најави 29 милијарди евра економска помош од ЕУ за Бугарија во претстојните години.
Противниците на Борисов сметаат дека и покрај оставките на министрите за финансии, внатрешни работи, економија и туризам, барањата за правда и демократија нема да бидат исполнети, бидејќи како што истакнаа тие, народот не ги мрази само политичарите на мнозинската партија, туку сите „корумпирани лажни претставници“.
На денешните протести демонстрантите упатија нова порака до бугарската влада – тие порачаа дека нивниот престој пред владата не е бескорисен и дека тие планираат да останат таму до крајот на другиот месец.
„Квантитативните акумулации доведуваат до квалитативни промени. Луѓето може да се чувствуваат малку уморни, но работите повторно ќе ескалираат, се надеваме дека овој престој тука ќе биде корисен. Има мизерни плати, мора да има промени, а реконструкцијата во владата во никој случај нема да изврши влијание за запирање на протестот. Напротив, тоа ќе го активираат уште повеќе“, коментираа демонстрантите.
Бугарските медиуми информираат дека не се исклучува вечерва демонстрантите да бидат поделени на мали групи со цел да ги блокираат клучните сообраќајници во главниот град. Во последниве денови, ова ги иритираше возачите и се појавија неколку инциденти, меѓу кои и еден во кој лице се здоби со тешки повреди.