Комбинаториките за формирање парламентарно мнозинство се бројни, а најпосакувана опција во контекст на стратешките определби за интеграција на земјата во ЕУ е стабилна политичка влада, иако тоа се чини помалку извесно поради резултатите од изборите, оценуваат политичките аналитичари.
Иван Стефановски од Евротинк смета дека имајќи ги предвид сите идеолошки компромиси кои се случија во блиското политичко минато на државата, како и партискиот прагматизам, едноставно не постои коалициска комбинација која би изненадила. За тоа дали може да очекуваме стабилен период или политичка криза-нови избори, вели, неблагодарно е да се прогнозира, бидејќи македонскиот контекст е премногу комплексен
-Македонскиот контекст е премногу комплексен и секое предвидување дали ќе има нова криза или ќе запловиме во постабилни води е крајно неблагодарно. Доволно е само да се погледнат релевантни мерења на јавното мислење како регионалната анкета на ИРИ за Западен Балкан од март 2020, или пак Еврометарот кој најмалку еднаш во годината го објавува ЕВРОТИНК, за лесно да го забележите нивото на политичка поларизација во Македонија. Тоа до некаде ни укажува дека политичка криза е секогаш реална можност. Сепак, нови избори не очекувам наскоро, но од друга страна, малку е веројатно дека кола било идна влада би го завршила четиригодишниот мандат, посочува Стефановски.
Најпосакувано сценарио за граѓаните и општеството во целост, според него, е формирање на стабилна влада чиј приоритет ќе бидат европските интеграции на државата, и која уште во првите 100 дена ќе се зафати со сериозно пишување на домашната задача која што од поодамна и’ е зададена од страна на ЕУ и државите членки, а тоа е системска и систематска борба против високата корупција, темелна реформа на јавната администрација како и заокружување на реформата на тајните служби.
-Една од посреќните околности за нас е германското претседателствување со ЕУ. Сите сме свесни за заложбите на Германија за што побрза интеграција на Западниот Балкан во Унијата. Во таа насока, очекувам одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината, потенцира Стефановски.
И Симонида Кацарска од Институтот за европски политики – ЕПИ е на став дека изборните резултати оставаат простор за многу комбинаторики, но од аспект на евроинтеграциите најповолно за земјата е поскоро формирање влада и стабилно парламентарно мнозинство.
-Од аспект на пристапувањето во ЕУ, со оглед на тековното германско претседателство кое е наклонето на земјата и спремно да ја води напред пристапната агенда, потребно е што поскоро формирање на влада и стабилно парламентарно мнозинство, кое со оглед на резултатите не е загарантирано. Доколку имаме долг процес на формирање влада или нестабилност, можно е да се пропушти оваа шанса.
Во пристапниот процес, до крајот на годината оптимистичко, односно посакувано сценарио е, додава таа, одржувањето на две меѓувладини конференции во рамките на германското претседателство со ЕУ.
-Сепак, за остварувањето на ова сценарио потребно е да има политичка волја во земјите членки на ЕУ за да се усвои нашата преговарачка рамка, а воедно и внатрешно ние да имаме политичка влада и подготвена администрација, подвлекува Кацарска.
Во меѓувреме, во очекување Управниот суд да се произнесе по сите тужби од партиите и ДИК да ги соопшти конечните резултатите од предвремените избори и окончување на целиот изборен процес, во тек се неформални контакти на политичките партии околу идните коалицирања за кои нема детали во јавноста.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев во интервјуто за хрватски „Национал“ ја повторува оценката дека имаат убедливо најголем коалициски потенцијал и дека веднаш по празникот Илинден, влегуваат во процес на преговори за идно коалицирање и формирање состав на Влада.
-Мандатот за формирање нова Влада е кај СДСМ и коалицијата „Можеме“. Со политиките кои ги водиме и со чесниот и одговорен однос, СДСМ има убедливо најголем капацитет за коалицирање. ВМРО-ДПМНЕ е поразена партија која демонстрира политики кои се спротивни од севкупниот демократски амбиент и од демократскиот правец кон кој неповратно се движи државата, рече Заев додавајќи дека ќе разговараат за коалицирање со сите партии кои се подготвени да го прифатат европскиот, демократски концепт.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, сметаат дека тие го имаат најголемиот кредибилитет да се борат за состав на новата Влада, бидејќи, велат, имаат повеќе гласови од СДСМ, без Беса, со која е во коалиција. Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ неделава ја потврди одлуката на Извршниот комитет да се овласти лидерот на партијата Христијан Мицковски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство. Тој најави дека е подготвен да разговара со сите политички партии, но оти тоа нема да го прави под уцена и условување.
Демократската унија за интеграција полека ретерира од нивниот првичен услов за коалицирање – барањето за премиер Албанец. Вицепремиерот за евроинетграции и портпарол на ДУИ, Бујар Османи вчера во интервју за Телма истакна дека ќе коалицираат со која било партија што ќе ги почитува Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
– Наш прв услов за коалицирање со која било партија е почитување на Охридскиот, Преспанскиот и договорот со Бугарија. За нас е многу важно да има јавно преземање на обврска за имплементација на договорите, потенцира Османи, додавајќи дека во преговорите за идната влада „ќе седнат во демократски процес да ги понудат нивните аргументи“.
Тој се заложи и за што поскоро формирање нова влада која, како што рече, ќе биде тематска и ќе мора да биде посветена на спроведувањето на преговорите за членство со ЕУ.
Од Алијансата за Албанците и нивниот коалициски партнер Алтернатива, пак, се децидни дека за нив се отворени сите опции, но главен услов е ДУИ да не биде дел од парламенатрното мнозинство. Левица се изјасни дека не е заинтересирана за коалицирање и дека ќе делува како опозиција во Парламентот.
Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии, по конституирањето на Собранието, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Парламентот.
Според Уставот, Парламентот треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржувањето на изборите. Претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, според првичните неофицијални резултати што ги соопшти ДИК, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.