Бразилскиот претседател Жаир Болсонаро се уште е позитивен на коронавирусот, и после најмалку три теста. Заразата кај Болсонаро за првпат беше потврдена на 7 јули, а тој и по две недели во карантин се уште е позитивен.
Бразилската Влада соопшти дека тој се чувствува добро,како и во изминатите недели.
Според Светската здравствена организација, времето на закрепнување за лесните случаи на Ковид-19 е две недели.
Болсонаро ќе продолжи да одржува состаноци преку видеоврска, најавија од неговиот кабинет. Коронавирусот е потврден и кај уште четири лица кои биле во контакт со претседателот на работното место.
Болсонаро повеќепати во изминатите месеци ја негираше сериозноста на Ковид-19, и болеста ја нарекуваше „обичен грип“. Пред неколку дена, бразилскиот претседател јавно го промовираше лекот за маларија хидроксихлорокин, кој го користи на препорака од воен лекар. Лекот не е препорачан од СЗО и нема докази за негова ефикасност во третманот на пациентите со Ковид-19.