Група српски професори, академици и интелектуалци денеска пред платото на Филозофскиот факултет прочитаа проглас, со кој најавија формирање на Собрание на слободна Србија, што ќе биде одговор, како што наведоа, на „лажните избори и на лажниот парламент што ја отсликува волјата на еден човек, а не на потребите на општеството“.
Тие најавија дека Собранието ќе биде составено од професионално реализирани луѓе и достоинствени граѓани, кои со работа и однесување би дале придонес за развојот на демократијата во Србија.
Професорката Биљана Стојковиќ го прочита прогласот, во кој се наведува дека „Србија не е слободна земја и оти е време граѓаните да се организираат за политичко и активистичко дејствување со цел да се запре уништувањето на земјата и да се обезбеди иднина достојна за човекот“.
– Нашето општество е уништено од социјална неправда и се поголем социјален јаз. Ова е држава на разорени институции, претворена во сервис на една партија и на еден човек, истакна Стојковиќ.
Таа додаде дека Собранието на слободна Србија ќе подготви „рамки за промена на системот и трансформација на Србија во слободна, демократска, цивилизирана и социјално одговорна заедница на рамноправни граѓани“.