Богатствата на Кавадарци отсега стануваат достапни и преку виртуелна 3Д прошетка од еден вид птичја перспектива. Се мисли на Тиквешко Езеро, Моклишко, малото Доне Попов, многубројните пештери, цркви и манастири, споменици и слично.
Денеска беше презентиран пилот проектот „Виртуелен музеј – наменет за Кавадарци“.
– Со дигитализацијата правиме промоција и валоризација на културното наследство, со цел да се подигне нивото на туризмот и да се привлечат домашни и странски посетители, да дојдат и да го го видат потенцијалот на Тиквешкиот регионот и физички, рече Пенелопа Стаматовска од компанијата ВР Порт, која се занимава со дигитализација на објекти и чиј проект беше поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.
Таа нагласи дека платформата има и техничка страна, која ќе им е од корист на стручни лица. Додаде дека имаат соработка со општина Кавадарци, а за ваков проект веќе биле заинтересирани и други општини. Стаматовска изрази надеж дека ваква дигитализација ќе има и во други региони.
Јован Деспотовски, директор на ФИТР, го изрази задоволството што е во Кавадарци и информираше дека целиот проект е околу стотина илјади евра, од кои Фондот учествува со 70 проценти, а останатиот дел го обезбедува компанијата.
– Ова е само еден од проектите со кој покажуваме дека се бориме и сакаме да поттикнеме рамномерен регионален развој, нагласи Деспотовски.
Крсте Соколов, раководител на одделение за угостителство и туризам при општина Кавадарци, рече дека проектот го добиваат како еден вид донација, со обврска тој да се одржува во иднина. Се размислува за втора и трета фаза, при што би се вклучил и бизнис секторот и винарските визби, со цел за позабрзан развој на градот.
Платформата ќе биде онлајн и континуирано ќе се надополнува, а целосно готова ќе биде за 18 месеци.