Српската премиерка Ана Брнабиќ ги соопшти трите мерки за превенција од коронавирусот, кои на денешната седница ги донесе кризниот штаб.
„ Гледате, ова беше долга седница на кризниот штаб, разговаравме за многу проблеми, пред се за ситуацијата во Белград која е најкритична. Денеска донесовме мерки само за Белград. Целосна забрана на јавно собирање во Белград на повеќе од 10 луѓе, на отворено и на затворено. Во принцип, сите овие мерки ќе бидат времени, бидејќи штом се создадат услови за нормален живот, тие ќе бидат укинати“, рече Брнабиќ.
Таа најави и дека се враќа една од мерките која ја имале во текот на вонредната состојба во Србија.
„Секој угостителски објект, продавница, аптека ќе мора да има јасно истакнато колку луѓе е дозволено да престојуваат во моментот, а тоа е на четири метри квадратни, само еден човек“, рече Брнабиќ.
Третата мерка е ограничување на работното време на објектите со затворен простор, од утре па додека ситуацијата не биде под контрола. Забраната ќе почнува од 21 часот до 6 наутро.
Брабиќ изјави дека оние локални самоуправи каде нема критична состојба со ширењето на коронавирусот, животот ќе може да продолжи нормално, се додека не почне и таму да се зголемува бројот на новозаразени.
„Штом се создадат услови за нормален живот, овие мерки ќе се прекинат“, рече Брабиќ за строгите мерки кои се прогласени во Белград.