Љупчо Николовски, генерален секретар на СДСМ и носител на листата во ИЕ 3 СДСМ и коалицијата „Можеме“ денеска истакна дека водат кампања со концепти, со конкретни проекти, со точно изразени бројки. Минималната плата, рече, беше 9 илјади денари, сега е 14.500, ќе биде 20.000 денари во нашиот следен мандат, а просечната плата ќе достигне 34.000 до крајот на мандатот.
-Со такви прецизни планови и бројки би требало да бидеме соочени со понудата на ВМРО-ДПМНЕ. Но таму има само пропаганда. Полна им е устата со патриотизам. Но, запрашајте се дали се вистински патриоти. Зарем вистински патриоти ќе гласаат против зголемување на минималната плата, против зелена нафта, против секоја можна мерка која парите ги враќа назад кај вас, како повратот на ДДВ или укинувањето радиодифузна такса. Што е патриот дами и господа? Некој кој ја сака татковината и кој прави добро за неа, истакна Николовски на денешната прес-конференција.
Тој смета дека не е патриот некој во чие време стотици илјади Македонци си ги спакувале куферите и заминале од татковината или е патриот тој во чие време се обезбеди сигурноста на државата, признавање на македонскиот јазик и нација од целиот свет.
-Македонскиот јазик е официјален јазик за Европската Унија! Тоа е патриотизам за кој се бореле и Гоце Делчев и Даме Груев и сите чии имиња ВМРО-ДПМНЕ срамно ги злоупотребуваат. Нивните вековни желби се остварени. Македонски јазик и народ признаен од сите, рече Николовски.
Според него, коалицијата чиј носител на листа е и тој се залагаат за зелена, здрава и европска иднина.
-На ВМРО-ДПМНЕ не им се битни ниту интересите на граѓаните, ниту нивното здравје, ниту заштитата на животната средина. Тие ветуваат дека повторно ќе доделуваат концесии за рудници за бакар, злато, олово и цинк. СДСМ со години наназад заедно со граѓаните водеше битка вакви опасни рудници да нема, концесиите да се одземаат за да се заштити природата и здравјето, а ВМРО-ДПМНЕ упорно и упорно најавува рудници насекаде. Повторно профитот им е прв и единствен мотив, вели Николовски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ветуваат проекти кои, како што вели, се реализирани.
-Ќе доделувале неповратни средства на млади земјоделци во висина од 20.000 евра. СДСМ веќе го реализира тоа. Во програмата им стои и ратификација на Истанбулската конвенција, нешто што собранискиот состав го направи пред повеќе од две години. Во програмата ветуваат и решавање на проблемот со долговите на општините. Проблем што го реши СДСМ, а токму ВМРО-ДПМНЕ се противеше за истиот. Ветуваат укинување на роамингот во земјите во Западен Балкан, а реалноста е дека веќе е тоа договорено. Од 1-ви јули 2021-ва цените во роаминг целосно ќе се укинат, рече тој додавајќи дека “вакви ветувања, празни и лажни концепти прилегаат само на фејк-њуз партија како нив“.
За нивните конкуренти Николовски вели дека имаат празни фрази, копирани мерки и проекти, полни усти фејк патриотизам, на чело со Мицкоски кој само му го грее столчето на бегалецот од Будимпешта.
-Покажете им го правецот на тие политики. Во историјата! Кај што им е местото. На 15 јули сите ќе кажеме НЕ на истото нереформирано ВМРО-ДПМНЕ од кое едвај спасивме глава. Да не се коцкаме со иднината почитувани граѓани. Не сега кога ја имаме поддршката од целиот свет да одиме напред, подвлече Николовски.