Лидерот на СДСМ Зоран Заев при денешната посета на Општата градска болница во Кавадарци заедно со министерот за здравство Венко Филипче најави дека секоја година ќе ги зголемуваат платите на здравствените работници и соработници до 10 проценти.
– За да ни бидат лекарите и здравствените работници мотивирани да дадат максимум во борбата за животот и здравјето на нашите граѓанин ги покачивме платите во здравството за 40 проценти. Вработивме 780 нови лекари и илјада медицински сестри. Инвестираме во здравство кое ќе биде модерно е европско и кое ќе одговори на потребите на нашите граѓани, нагласи Заев, додавајќи дека го подготвуваат здравствениот систем за можен втор бран на пандемијата, и вложуваат 33 милиони во одделенијата за интензивна нега.
Тој изрази поддршка на лекарите и здравствените работници кои, како што рече, пожртвувано и макотрпно четири месеци се најактивно вклучени во борбата со пандемијата на КОВИД-19 вирусот и упати молба и апел до граѓаните да продолжат одговорно да се однесуваат за да им помогнат на здравствените работници.
– Само заедно можеме да ја надминеме кризата! Што побргу почнеме да ги почитуваме сите мерки на заштита толку побргу и кризата ќе ја оставиме зад нас. Овие здравствени работници имаат семејства, деца, родители кои ги чекаат да се вратат дома час поскоро. Да им возвратиме на овие луѓе со почит кон пожртвуваноста која ќе значи редовно носење на маска, држење на дистанца од два метра и редовна дезинфекција на рацете. Ете толку бараат нашите херои од нас, истакна Заев.
Министерот Филипче, пак, истакна дека во болницата во Кавадарци се направиле значајни промени во изминатиот период.
– Ова беше една од првите болници која стана Општа болница, обединувајќи ги капацитетите на Општата болница и Здравствениот дом под една менаџерска палка. Со тоа се зголеми бројот на лекари специјалисти, кои работат и во Службата на итна медицинска помош, зголемувајќи го бројот на тимови на оваа многу значајна служба, зголемувајќи го и бројот на возила. Со ова значајно се скрати времето на повик, кој се чекаше во повардариски регион, наведе Филипче.
Во оваа болница, додаде тој, се направија и многу инфраструктурни поодбрувања. Се набавила медицинска опрема, се купиле ехо апарат, респираторна машина, возило за итна медицинска помош.
Со огромна помош од јапонската амбасада се реновираше и од темел се смени изгледот на педијатриското одделение. Сега дечињата се лекуваат во модерни услови. Секоја соба со посебен тоалет, благодарение на експертизата и искуството на лекарите кои работат во оваа болница добиваат врвна здравствена услуга. Благодарение на компанијата Алкалоид, целосно и од темел се реновираше еден сосем запуштен дел од оваа болница. Сега има ново интернистичко одделение, нагласи Филипче.
Во рамки на активностите во борба против КОВИД-19, вели тој, болницата ги припреми сите капацитети. Спремно е едно одделение со 16 кревети, доколку затреба ќе третира пациенти заболени од коронавирусот.
– Во дополнителен буџет од 10 милиони денари се воведува за првпат дежурства на лекари специјалисти во рамките на новиот ургентен центар во рамките на болницата во Кавадарци. На тој начин граѓаните и пациентите за многу кратко време добиваат услуга од соодветен лекар специјалист. Вработените се задоволни благодарение на зголемените плати. На овој начин ќе продолжиме и понатаму, вака се зајакнува јавното здравство. Вака се стимулираат лекарите, медицинските сестри да работат во државните болници. Да не ја гледаат иднината надвор од нашата земја, заклучи Филипче.