Националната установа „Стоби“ соопшти дека од денеска е отворен за сите посетители археолошкиот локалитет Стоби. Отворениот простор на локалитетот овозможува физичко дистанцирање и безбедна прошетка, а при посетата треба да се почитуваат мерките и препораките за заштита и превенција од КОВИД-19.
Програмата на Националната установа Стоби за 2020 година опфаќа повеќе проекти, од кои шест директно се однесуваат на истражување и заштита на движното и недвижното културно наследство, додека останатите активности предвидуваат изработка на проекти и инфраструктурни зафати.
Меѓу планираните проекти од областа на заштита на недвижното културно наследство се конзервација и реставрација на дислоцираните мозаици од археолошкиот локалитет Стоби., археолошки доистражувања и изработка на Основен проект за конзервација и реставрација на архитектонските остатоци на Градбата со арки во Стоби, археолошки доистражувања на објект Римски театар во Стоби, конзерваторско-реставраторски работи на Полукружниот плоштад и дуќаните на Виа Сакра (Via Sacra), изработка на проект за конзервација на археолошките остатоци од римската порта и сегмент од југоисточниот бедем и археолошки доистражување на портата и југоисточниот сегмент од комплексот градби околу храмот на Изида.
Во 2020 година се планирани и проекти од областа на музејската дејност и заштитата на нематеријалното културно наследство и инвестиции во одржување, адаптација и набавка на опрема за установата.
Вкупно 15 проекти се финансирани од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за 2020 година. Поради кризната состојба наметната од пандемијата, одложени се два проекта од издавачката дејност, визуелни уметности, архитектура и дизајн.