Граѓаните од повисоките зони на Куманово повторно се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Директорот на „Водовод“ Виктор Божиновски информира дека дотурот на вода од акумулациите Липково и Глажња од 210 е намален на 160 литри вода во секунда.
– Повторно е доведено во прашање водоснабдувањето на дел од граѓаните од општината. Денеска се обративме до двете надлежни министерства за земјоделство, шумарство и водостопанство и за животна средина и просторно планирање и апелиравме согласно нивните ингеренции да помогнат во решавање на овој проблем, изјави Божиновски.
Тој на денешната прес-конференција истакна дека од Водостопанство „Кумановско–Липковско поле“ ја зголемиле цената за испорачаната вода до филтер станицата.
– Сите други односи кои ги имаме се предмет на договарање. Од Нова година одборот на кориснинци ја зголеми цената на водата и сега изнесува 5,2 денари по метар кубен. Основен проблем е што не може да се потпише договор под овие услови, рече Божиновски.
Нагласи дека има делумна блокада од Водостопанство по основ на застарен долг.
– Последниве три месеци на Водостопанство му исплативме четири милиони и 580 илјади денари по основ на застарен долг, посочи Божиновски.
Од Водостопанство „Кумановско-Липковско поле“ на дешната прес-конференција информира дека три месеци немаат добиено средства од „Водовод“.
– Директорот на „Водовод“ не сака да поптише договор. Вработените од Водостопанство, од петок наваму, на сопствен трошок ги обавуваат работните задачи затоа што последниве три месеци „Водовод“ не ја плаќа дистрибуцијата. Водостопанство нема мининмални услови за вршење на својата законска дејност, бидејќи наш најголем корисник е комуналното претпријатие, изјави директорот на Водостопанство Филип Филиповски.
Како што потенцира, Филиповски, „Вододод“ на Водостопанство му должи 57 милиони денари по основ на пресуди од кои сите не се правосилни.
– Цената, количината и дистрибуцијата на водата е добиена по пресудите и на Управен суд. Цената на водата не е фиксна. Водостопанство пред почеток на секоја година формира цена. Лани таа беше 4,2 денара со сите давачки, но и тогаш одбегнуваа иако можеа да обезбедат вода за наредните 20 години, рече Филиповски и го повика директорот на комуналното претпријатие да склучи договор.