До Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ од почетокот на ова политичка кампања пристигнале четири пријави и информации за прекршување на детските права или манипулација со деца, но од невладината организација велат дека дополнително се загрижени за политичката (не)култура и пораките кои им се испраќаат на децата преку начинот на водење на политичките кампањи и политичките спотови.
„За жал, според начините на водење на кампањите но и според досегашните искуства од неспроведените ветувања, политичките партии не успеваат (или не сакаат) да разберат што е најдобар или што е воопшто интерес на децата ниту пак успеваат да понудат надеж за подобра иднина на децата воопшто. Децата и понатаму се користат на најразлични начини за добивање политички поени,“ велат од „Меѓаши“, издвојувајќи неколку аспекти на проблемот забележано во тековната кампања:
– Спотовите за политичка кампања во кои се користат елементи од детскиот свет како читање бајки пред спиење истиот тој свет го загадуваат на најлош можен начин. Не само што одземаат нешто убаво од детскиот свет туку по одземањето го враќаат преработено и исполнето со деструктивни содржини кои можат да имаат негативни последици кај децата. Децата немаат капацитет да го разберат кажаното ниту има релана потреба децата да ги разбираат дневно-политичките борби на партиите.
– Иако согласно Изборниот законик Член 76 став 3 не е дозволено учество на малолетници во платено политичко рекламирање, користењето деца директно во рекламните спотови продолжува. Дополнително е манипулативно кога се користат како емотивен залог за иднината а во сегашноста речиси ништо не се прави за децата и детските права. Детските соништа се скапоцени, тие потекнуват и се обликуваат според детската имагинација која ја гледа сегашноста со очите на реалноста. А сегашноста за некои деца е немање современи играчки и електронски уреди, за некои немање клупа и училиште, додека за некои немање основни услови за живот…
– Злоупотреба на малолетни деца кои делат промотивни материјали облечени во маички со симболи на политички партии е очигледна злоупотреба а дополнително згрозува доколку имаме случај на смислен обид изведен од друга политичка партија за дискредитација на одредена партија, велат од „Меѓаши“.
„Иако во самиот Изборен законик има став од членот 76, став 3 кој прецизира и забранува учество на деца во политички кампањи, сепак и покрај тоа, досега ниту една партија не била казнета за непочитување на оваа забрана. Можеби тука треба да ја бараме причината за непочитување на забраната за злоупотреба на децата во политички кампањи,“ се вели во соопштението од „Меѓаши“.