На предлог на Основното јавно обвинителство, Кривичниот суд му изрече мерка 30 дена на притвор на чичкото кој ги малтретирал своите внуци. Како што веќе објави „А1он“, тој вчера во Градскиот парк во Скопје, го врзал за дрво 10-годишниот внук, кој имал аутизам, а со прачка ја тепал неговата 9-годишна сестра.
Случајот бил пријавен од минувачи кои ги снимиле настанот, а Единицата за насилен криминал поднeло пријави до обвинителството за малтретирање и запуштање дете, и против родителите и против чичкото.
„На 28 јуни, осомничениот 46-годишник, со грубо запоставување на својата должност за грижа и воспитување, малтретирал две деца на кои им бил чичко. Кога мајката на децата му ги оставила за да ги надгледува, осомничениот едното дете го врзал со внатрешната гума од мопед за стеблото на едно дрво. Детето не можело да се ослободи, па неговата сестра се доближила до дрвото да му подаде шише за да се напие течност. Осомничениот најпрвин ја прекорил, а потоа ја удрил со шлаканица по лицето и со ластегарка по стапалата. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство на осомничениот, можност тој да ја попречува кривичната постапка со влијание врз децата со кои е во крвно сродство, како и поради можност да го повтори делото“, се вели во соопштението на обвинителството.
Судот го прифати предлогот и осомничениот е спроведен во Истражниот затвор во Шутка.