Носителката на листата во Изборна единица 3 на СДСМ и коалицијата Јагода Шахпаска вчера на граѓанска трибина во Свети Николе истакна дека со искуство што го има како пратеник во Собранието бара поддршка за следните четири години затоа што „Можеме“, како што рече, може уште повеќе и уште подобро.
Шахпаска пред граѓаните во Свети Николе посочи дека Социјалдемократскиот сојуз се разликува од ВМРО-ДПМНЕ особено во сферата на родовата еднаквост, затоа што со воспоставувањето на двојни носители на изборните листи СДСМ покажа дека жените имаат еднаква позиција во општеството.
-Се залагаме за еднаква одговорност и плати за жените кои имаат исти професионални профили и работат на исти позиции како мажите.истакна Шахпаска.
Зборувајќи за здравството рече дека Владата предводена од СДСМ во изминатиот период вработила повеќе од 780 доктори и илјада медицински сестри, ги зголемиле и нивните плати, така што денеска, рече таа, доктор специјалист заработува од 80.000 до 160 000 денари.
-Денес докторите специјалисти земаат за 40 отсто повисока плата, општите лекари за 20 отсто , медицинските сестри за 23 и другиот медицински персонал за 15 отсто, истакна Шахпаска, која се осврна и на зголемувањето на капитацискиот бод, укинувањето на квотите за лекови и проширување на позитивната листа на лекови и лекови кои се безбедни и сигурни за граѓаните.
Шахпаска пред граѓаните во Свети Николе посочи дека трендот на раст на плати во здравството ќе продолжи да расте. Предвидено е 10 проценти раст на платите секоја година. Но, исто така, рече таа, ќе продолжи вложувањето и во инфраструктурата на здравствениот сектор. Скопје ќе добие нов клинички центар, но ќе се инвестира и во сите единици на интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, рентген машини и сите останати потребни апарати за врвна здравствена заштита.
Шахпаска се осврна и на социјалните политики – за 300 отсто зголемената социјална помош и зголемувањето на нејзиниот опфат, образовниот и детски додаток, социјалната пензија од 6000 денари за лицата кои не исполнуваат услови за пензија и решавањето на статусот на 12 000 стечајци кои денес земаат по 8000 денари месечно. Во однос на лицата со попреченост, посочи дека до крајот на следниот мандат нема да постои институција која нема да биде достапна за нив, а и дека средствата кои добиваат овие лица ќе бидат зголемени за уште 15 проценти до крајот на оваа година.