Претседателот на СДСМ Зоран Заев денеска учествуваше на трибина со млади која се одржа во Паркот Ибни Пајко. На трибината се разговараше за младинските политики и младинското учество, за досега спроведените мерки и политики кои го подобруваат животот на младите, а беше претставена и новата понуда од програмата на СДСМ и Коалицијата Можеме.
– Низ нашето досегашно делување покажавме дека СДСМ отсекогаш имал слух за младите, и затоа сме и денеска овде, заедно да дебатираме за потребите, предизвиците и се она кое што ве засега вас. За прв пат имаме институционален механизам, овозможен преку Законот за младинско учество и младински политики, што значи дека во нашата држава се слуша младинскиот глас. Младите ни се важни, а одлуките се носат заеднички. Затоа во изминатите три години донесовме сериозни промени на подобро, меѓу другите проекти важно е да се издвои дека постојано вложуваме во студентските и ученичките домови, обезбедивме Европска младинска картичка и додаток на плата од 3.000 денари за млади до 23 години вработени во производство“ порача претседателот Заев.
Пред присутните претседателот Заев истакна дека мерките и полтиките за младите ќе продолжат уште позасилено и во новиот мандат, а најсилна гаранција за тоа е членството во НАТО и напредокот во ЕУ.
– Подготвивме сериозна понуда, креирана со млади луѓе кои сакаат својата иднина тука да ја гледаат. По примерот на студентскиот дом „Гоце Делчев“, до 2024 година ќе ги реконструираме сите студентски домови и двојно ќе го подобриме квалитетот на исхраната. Отвораме младински центри во сите 80 општини во државата, за уште поголемо учество на младите во носењето одлуки и креирањето политики. Но она што е најважно, за вас младите е што обезбедуваме европски стандарди дома. Со членството во НАТО и со отворањето на поглавјата со ЕУ, ја носиме Европа дома, обезбедуваме на сите еднакви услови како и вашите врсници во западниот свет. Тука да растете, созревате, тука да градите кариери и семејства. Вие сте креатори на нашата заедничка европска иднина, затоа приклучете се, да изградиме едно општество за сите со еднакви можности и фер шанси за секој млад човек, заклучи Заев на денешната трибина.