Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија Јован Грповски заедно со секторските директори Аритон Фида, Бојан Цветковиќ и Саша Иванов во рамки на еднодневна работна посета денеска во Белград ќе се сретнат со директорот на Заводот за социјално осигурување на Србија, Зоран Пановиќ и со директорот на Републичкиот фонд за здравствено осигурување Момчило Бабиќ.
На средбата, соопшти ФЗОМ, ќе стане збор за примената на договорот за социјално осигурување меѓу двете земји во областа на здравството, како и новините и достигнувањата во здравствениот систем во изминатата година. Истовремено ќе се дискутира и за состојбата на пресметките и побарувањата по основ на меѓусебни обврски и побарувања кои произлегуваат од меѓудржавниот договор за социјално осигурување
На средбата, како што се наведува, тимовите на двете земји ќе имаат можност да се запознаат подобро со начинот на работа и организацијата на здравственото осигурување со цел унапредување на меѓусебната соработка.