Не е наш начин да им приоѓаме на работите со цел да изнаоѓаме изговори. Тоа е специјалност на некој друг, изјави министерот за надворешни работи Никола Попоски, како одговор на вчерашната порака на неговиот грчки колега Димитрис Аврамопулос дека Македонија не ги исполнува реформите и не е подготвена за влез во Европската унија.
Според Попоски, кој денеска присуствува на состанок на Северно-атлантскиот совет на НАТО со земјите-контрибутори во ИСАФ-мисијата во Авганистан на министерско ниво, Македонија останува на она што е констатирано досега од Европската комисија во период од повеќе од четири години дека земјата е подготвена за отпочнување на преговорите.
-Се разбира, клучот останува таму каде што е, а тоа е во Атина и ние се надеваме дека можеме и во тој правец да придонесеме за еден конструктивен однос од нашиот сосед кој е дел од ЕУ. Тоа би било далеку покорисно искористена енергија отколку изнаоѓањето на изговори, му порачува македонскиот шеф на дипломатијата на грчкиот министер Аврамопулос.
Инаку, според министерот Попоски, денешниот министерски состанок во НАТО е проширен со земјите кои придонесуваат во ИСАФ-мисијата во Авганистан. Тој вели дека она што досега го правевме ќе го продолжиме и во иднина, а тоа значи дека Македонија останува посветена на давање на свој придонес во рамки на мисијата.
-Тоа планираме да го потврдиме и во следниот период, по планираното повлекување на воените сили од Авганистан да останеме во делот на обуката што би ја давале и да ги поддржиме авганистанските институции со цел оваа мисија да биде успешно заокружена, вели Попоски.