Двајцата адвокати на Катица Јанева се разочарани од пресудата и казните кои судечкиот совет ги изрече во случајот „Рекет“. Тие по рочиштето кажаа дека правда за случајот ќе бараат и пред меѓународните судови, а очекуваат повисоките судови во Македонија да имаат поголем сенс за правда и правичност. Адвокатот Дељо Кадиев по рочиштето рече дека заедно со Фрчковска остануваат на ставот дека нема докази за вината на Јанева.
„Ние сме разочарани како одбрана на Катица Јанева од пресудата и казните што ги слушнавме. Прво сметаме дека апсолутно превисока е казната за Јанева. Судот во својот вовед кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството. Ние како одбрана сметаме дека со вакви пресуди не се враќа довербата во правосудството, напротив, сметаме дека судот треба да суди врз основа на докази, а во конкретниот случај, докази дека Катица Јанева го сторила кривичното дело за кое е осудена не постојат. Целата јавност беше сведок дека Обвинителството не достави никакви докази за Јанева. Ќе се жалиме, ќе поднесеме жалба, се надеваме дека повисоките судови ќе имаат поголем сенс за правда и правичност, носење на одлуки кои се базираат на докази, ќе се бориме до крај како одбрана на Јанева, пред домашните но и меѓународните судови“, рече Фрчковска.
И адвокатот Кадиев најави жалба за пресудата изречена за Катица Јанева.
„Драго ми е што јавноста беше присутна во овој предмет преку вас, новинарите. Пресудата судот ја носи во име на граѓаните на Македонија и тоа е со закон дадено право. Меѓутоа, граѓаните на Македонија преку вас новинарите и преку тоа што вие го пренесувавте, стекнаа убедување и ние имавме можност и надвор од оваа судница да видиме какво е чувството на граѓаните и како размислуваат. Лично и понатаму опстојуваме на тоа дека не постоеше ниту еден доказ за вината на Јанева. Ќе поднесеме жалба. Не можам ни да претпоставам кое ќе биде образложението на судот со кое го прифати во целост, фактичкиот опис на кривичното дело опишано во диспозитивот на обвинението“, кажа Кадиев.