И покрај тоа што остана без своите простории, здружението Сојузот на борците на Република Македонија продолжува со своите активности во насока на негување и зачувување на традициите од НОБ. На завчерашнато собрание на СБМ, за прв пат одржано во Дом на АРМ откако беа исфрлени од просториите во Дом на воени инвалиди, здужението едногласно го реизбра за претседател на Главниот Одбор, Тодор Атанасовски, генерал во пензија и учесник во НОАБМ, а избрани се и 65 члена на Главниот одбор, како и претседателство од 21 член.
Оттаму велат дека продолжуваат со својата дејност во тешки услови за работа и без материјални средства, а како примарни насоки и задачи ги издвојуваат негувањето и развивањето на слободарските традиции и „енергично спротивставување и осуда на сите обиди за омаловажување, минимизирање или негирање на НОАВМ“.
Целните определби на Сојузот вклучуваат и грижа за здравствената и материјална состојба на учесниците во НОАБМ, борците, воените инвалиди и членовите на нивните семејства, кои се во поддминати години.
Сојузот на борците, инаку, стана препознатлив во јавноста откако одржа два протестни собири во вид на марш низ скопските улици во знак на револт по игнорирањето на властите да ги поддржат и да им излезат во пресрет откако го изгубија судскиот спор за сопственост на просториите на атрактивната локација во близина на Собранието. Масовните протести, на кои се придружија и голем број обични граѓани, не вродија со плод. Од Сојузот обвинуваат дека властите се незаинтересирани за почитување и чествување на историските придобивки од Народноослободителната војна.