Истражување на НВО: Општините немаат доволно капацитети за ефикасна инспекциска служба

Од:

НВО Инфоцентарот, во рамки на проектот „Граѓански мониторинг врз инспекциските служби на локално ниво“, поддржан од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, спровел истражување за постојната организациска поставеност и функционирање на инспекциските служби во надлежност на општините, како и клучните проблеми и предизвици со кои тие се соочуваат. Истражувањето покажало дека во државава нема доволно капацитети (човечки, финансиски, техничко-технолошки) за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво.

Истражувањето било спроведено во периодот ноември 2019 – март 2020 година и ги опфати сите општини, како и Градот Скопје. На барањето за пристап до информации од јавен карактер одговориле и доставија документи, 84% од општините.


„Општините во државава немаат доволно капацитети (човечки, финансиски, техничко-технолошки) за да организираат ефикасна инспекциска служба на локално ниво. Речиси нема општина во која се пополнети сите предвидени инспекторски позиции, па оттаму, во некои општини постои практика еден инспектор да врши инспекциски надзор во повеќе области. Заради недоволниот број инспектори и капацитети, дури една третина од општините имаат склучено меѓуопштински договори за инспекциски надзор. Овие договори во некои општини даваат резултати, но често пати тие постојат само на хартија и се склучуваат само од формален аспект“, соопштува НВО Инфоцентарот.

Според нивното истражување општинските инспектори се назначени од градоначалникот и нему директно му одговараат.

„Ова претставува опасност за интегритетот на инспекторите односно претставува ризик од корупција. Ризикот од корупција е голем заради фактот што општините, во исто време, се и даватели на услуги и вршат инспекциски надзор над тие услуги. Затоа, инспекторите често се наоѓаат во „маѓепсаниот круг“ на политичките и бизнис влијанија, од една и законите, граѓаните и јавниот интерес, од друга страна.
Досегашното искуство на општинските инспектори покажува дека законската регулатива по која работат и постапуваат е нехармонизирана, а неретко и противречна. Најчесто, инспекторите се соочуваат со недоречености и противречности во законската регулатива при изрекувањето на прекршочните мерки и висината на казните. Руралните и малите општини, пак, сметаат дека законите кои се однесуваат на инспекцискиот надзор треба да се допрецизираат и тоа, во согласност со нивните потреби, можности и капацитети кои се разликуваат од оние на големите и на урбаните општини“, пишува во соопштението.

Тие детектирале дека за општинските инспектори, еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат се малите плати и надоместоци, кои не соодветствуваат на одговорноста и тежината на нивната професија.
„Инспекторите немаат соодветна опрема за инспекциски надзор, теренски возила, апарати за мерење бучава, заштитна облека и др. Дополнително, кога одат на терен во инспекциски надзор често се изложени на различни ризици (закани, па дури и напади од оние кои се предмет на инспекција) и не се чувстуваат безбедно и заштитено. Немаат осигурување, а некои инспектори се жалат дека надлежните институции или не реагираат, или се бавни. Едновремено, за инспекторите проблем во работата претставува и недоволната соработка со државните институции на национално ниво. Општините најчесто постапуваат по пријавите и претставките на граѓаните во периодот од една недела до еден месец. Најголеми причини за бавноста во постапувањето се недоволниот број инспектори, како и сложените и долги законски и административни процедури при инспекцискиот надзор. Многу општини не можат да организираат дежурства за време на викенди и празници, како и работа во смени. Дополнителна пречка за работата во смени претставуваат договорите за работа на инспекторите со кои не е предвидено сменско работење. Оттаму, дел од инспекторите истакнуваат дека е потребно да се направат измени во колективниот договор и во Законот за административни службеници“, покажало дел од истражувањето.

Според ова истражување инспекторите немаат можност за надградба и усовршување на своите капацитети.

„Им недостига специјализација и континуирана едукација. Недоволната стручност и обученост на постојниот инспекциски кадар сериозно ја отежнува работата на општинските инспекциски служби и ја намалува нивната ефикасност. Според новиот Закон за инспекциски надзор, кој стапи во сила кон крајот на 2019 година, Инспекцискиот совет ќе им издава лиценци на локалните инспектори. Лиценцирањето ќе овозможи специјализација и едукација на инспекторите и ќе ја оневозможи практиката, еден инспектор да покрива повеќе области за инспекциски надзор. Едновремено, со законските измени ќе се зголемат платите на локалните инспектори за 10% во секоја од следните три години, а предвидено е и посебно осигурување во работата. Oвие законски измени, сепак, не носат темелни реформи во поставеноста и функционирањето на општинските инспекциски служби. Имајќи ја предвид постојната ситуација и досегашните искуства потребно е да се изгради подобар (нов) модел за локалните инспекциски служби кој ќе им овозможи тие да бидат целосно независни, функционални и ефикасни во заштитата на интересите на граѓаните и на заедницата во целина.“, стои во сооптението на НВО Инфоцентарот.

Би можело да ве интересира

Мицкоски: Исполнето е едно од клучните ветувања на Владата, општините го добиваат првиот дел од 250 милиони евра за реализација на капитални инвестиции

Мицкоски: Заедно со невладиниот сектор ќе се бориме против криминалот и корупцијата

Општини за еднодневен престој на куче во прифатилиште плаќале за 244 отсто повеќе од просечната цена

A1on

Во спортките клубови завршиле над 90 отсто од парите на општините наменети за невладини организации

A1on

Донесена одлука за пренамена на буџетски средства во износ од две милијарди денари за 66 проекти во општините во државава

Колева: ДПМНЕ да се заблагодари на граѓаните и на Владата за обезбедените пари за општините, не на Мицкоски

Предраг Петровиќ