Meѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ соопшти дека е распишан конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ за 2020 година, востановена во чест на поетот Анте Поповски.
Наградата се доделува за необјавена поетска книга (поетски ракопис) и на конкурсот може да се јават сите автори кои имаат необјавен поетски ракопис на македонски јазик. Наградата се состои во непрофитно објавување на поетскиот ракопис, со назнака на името на наградата на корицата од книгата и со отстапување на комплетниот тираж (300 примероци) на авторот.
– Ракописите треба да бидат напишани во Times New Roman, фонт 12 и да бидат испратени во електронски формат pdf или word на електронската адреса: [email protected] заклучно со 25 август 2020 година. Кандидатите можат ракописот да го достават под свое име и презиме или под шифра. Во вториов случај, авторството го докажуваат со копија од ракописот, по објавувањето на резултатите, соопшти организаторот.
Пристигнатите ракописи ќе ги разгледува тричлена комисија, во состав: Венко Андоновски (професор и писател), д-р Атина Цветаноска, (книжевен истражувач) и Жорж Поповски (новинар, член на семејството на Анте Поповски).
-Третиот член има право на вето на одлуката на комисијата, доколку смета дека делото кое комисијата сака да го награди е под достоинството на поетското творештво на Анте Поповски, или го навредува јавниот и естетскиот вкус. Комисијата ќе ја соопшти својата одлука за време на манифестацијата која ќе се одржи кон крајот на септември 2020 година, се наведува во соопштението.