Независниот синдикат на полицијата побара техничкиот премиер и министерот за внатрешни работи итно да се договорат за наградата за полицајците и таа да се исплати во јуни, заедно со платата. Гоце Делчев – Тодев, претседател на Независниот синдикат на полицијата вели дека со наградата на полицијата се игра политичка игра.
„За мене ова е класична политичка игра. Политичка борба. Се она што се случува е – јас барам ти не даваш, јас ќе дадам кога ќе сакам. Ова што го кажувам сликовито полицајците го гледаат иронично. Го гледаат како нешто со кое некој сака да направи полички поен пред избори оти во прашање се денови кога ќе бидат изборите. И од моја страна е пораката итно и веднаш да седнат и министерот и техничкиот премиер оваа работа да ја надминат. Сите знаеме што се случуваше изминатите три месеци. Сите знаеме дека е огромен бројот на вработени во полицијата кои во изминатиот период имаа директни контакти со заразени, беа позитивни, беа во изолација на разно разни боледувања и се уште дел од нив се без завршен третман. Овој паричен износ најбрзо што може треба да се реши и ако е можно да се исплати со платата што ќе биде поделена во јуни. Не може да се случи СЈО и Фондот за инвестиции да добиваат парични износи, а за полицајците кои дале труд и биле дополнително ангажирани за овие мерки од Владата, да нема пари“, рече претседателот Делчев – Тодев.
Независниот синдикат на полицијата смета дека наградата за полицајците треба да биде иста како и наградите во околните земји. За тоа и писмено се обратиле до Владата и до Министерството пред повеќе од еден месец.
„Баравме тие да бидат во контекст на износот на висината со колегите кои се од Косово, Србија, Бугарија во висина од 300 евра, а Албанија 1000 евра. Ние побаравме министерот и Владата да определат износ“, потсети претседателот Делчев – Тодев.
Вчера и министерот за внатрешни работи Наќе Чулев апелираше Владата да исплати награда за полицајците за дополнителниот ангажман во справување со мерките за заштита од коронавирусот.