Комисијата за заразни болести на денешниот состанок одлучила да побара од Владата укинување на полицискиот час, а веќе во текот на неделата и угостителите да ги отворат објектите за гости следејќи го нивниот протокол, потврдија извори од комисијата за „А1он“.
Членовите на комисијата предлагаат и отворање на граничните премини од наредниот понеделник. Сите предлози ќе бидат предложени до членовите на Владата, кои на седница ќе треба да одлучат дали ќе ги прифатат.
Според претходни препораки на Комисијата, треба да се донесе одлука по кои критериуми ќе се отворат кафеаните, односно да има ограничен број на посетители, растојание помеѓу масите или можност да функционира само терсата или летната бавча на објектите.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера посочи дека фотографиите и прилозите во медиумите се загрижувачки, бидејќи и покрај апелите на институциите да нема масовни собирања, почитување на препорачаната дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се почитувало од граѓаните.