Зоран Рујак, археолог: Постои потреба од доистражување на Цареви кули

Од:

Еден од најзначајните белези на Струмица е локалитетот Цареви кули. Од 2004 до 2014 година се одвиваа интензивни арехеолошки истражувања под раководство на археологот, м-р Зоран Рујак. Тој смета дека во најголем дел локалитетот е истражен, но постои потреба за доистражување на праисториската населба на југоисточната падина и укрепувањето од Самуиловиот период на локалитетот Јужен рид. Тој најавува и објавување на тритомната едиција „Цареви кули – Струмица“, чиј прв том би требало да излезе до крајот на оваа година, каде што нашироко ќе се претстават содржините и артефактите произлезени од долгогодишните истражувања.

До кога траеја археолошките истражувања на локалитетот Цареви кули и дали завршија, односно дали има сè уште неистражени локации?

– Археолошките истражувања на локалитетот Цареви кули – Струмица, со мали прекини, се одвиваа во периодот од 2004 до 2014 година. Во тој период беа целосно истражени платото на врвот од ридот и содржините од средновековната тврдина, заедно со остатоците од бедемите и кулите. Беше истражувана и праисториската населба на југоисточната падина, како и мал дел од втората тераса свртена кон градот Струмица. Во рамките на истражувањата на локалитетот Цареви кули, беше истражен и поголемиот дел од хеленистичката, доцноантичката и средновековната некропола на локалитетот Јужен рид, кој е составен дел од локалитетот Цареви кули. И покрај обемните еднодецениски истражувања, постои потреба за доистражување на праисториската населба на југоисточната падина и укрепувањето од Самуиловиот период на локалитетот Јужен рид. Од друга страна, конзерваторските истражувања се, исто така, реализирани во најголем дел. Според овие истражувања во последните неколку години се преземаат активности за непосредна заштита и конзервација на остатоците од архитектура на средновековната тврдина.

Кои се најважните археолошки откритија и од кога потекнува овој локалитет?

– На археолошкиот локалитет Цареви кули – Струмица постојат слоеви од различни временски епохи. Најстарите слоеви допираат до епохата на бакарното време, односно халколитската епоха (4850 – 4550 г. п. н. е.), следува раното и средното бронзено време (2200 – 1500 г. п. н. е.), потоа епохата на раното железно време (1000 – 900 г. п. н. е.), античкиот период (420-323 г. п. н. е.), хеленистичкиот период (323 – 31 г. п. н. е.), Римското Царство (27 г. п. н. е. – 284 год.), доцноантичкиот/рановизантиски период (284 – 586 год.), средновековниот период (976 – 1395 год.), османлискиот период (1395 – 1912 год.), па сè до Втората светска војна, кога во времето на завршните операции за ослободување на градот Струмица, на врвот од ридот се утврдила германската планинарска единица „Кетнер“.

Овде, првпат, се истражени „градински“ праисториски населби, од повеќе временски епохи, кои се протегаат на долг период од околу 3.500 години. Со овој локалитет се добија првите контури на почетокот и развојот на градската урбана населба во подножјето на Цареви кули, почнувајќи од доцниот 5 век п. н. е. Потоа, во текот на антиката, на врвот од ридот се наоѓало големо светилиште од отворен тип, кое било во функција на градското население од античкиот град под темелите на денешна Струмица. На врвот од ридот беше истражена и првата фортификација од времето на Самуиловите војни. Средновековната тврдина даде значаен импулс во разбирањето на развојот на воената архитектура и културно-историските процеси во текот на средновековната епоха кога градот Струмица станува воено и административно средиште во овој дел на Балканот.

Колкаво е значењето на локалитетот за Струмица, што значи тој за Струмица и воопшто за археологијата и историјата на овие простори?

– Локалитетот Цареви кули изнедри повеќе содржини, архитектонски остатоци и илјадници артефакти, кои биле создавани во текот на долг временски период, кои богато го илустрираат културно-историскиот развој на градот Струмица и Струмичко. Еднодецениските истражувања дадоа нови, поттикнувачки, сознанија за творештвото, социјалната и економска структура, па дури и за естетските критериуми на населението на оваа почва, почнувајќи од длабоката праисторија, па сè до денес. Во моментов се подготвува тритомната едиција „Цареви кули – Струмица“, чиј прв том би требало да излезе до крајот на оваа година, каде што нашироко се претставени содржините и артефактите произлезени од долгогодишните истражувања.

Дали со реконструкцијата се враќа вистинскиот изглед на Цареви кули и колку е задржан некогашниот изглед?

– По завршувањето на археолошките истражувања, почнаа конзерваторски истражувања и анализи, кои имаа за цел конзервација и делумна реставрација на средновековната тврдина на што е можно поавтентичен начин. Меѓу другото, за таа цел, во последната деценија беа посетени повеќе средновековни тврдини во земјата и соседството и беа прибрани искуства на нашите колеги археолози и конзерватори, кои се соочувале со истите предизвици. Со овој проект е предвидена делумна реконструкција и тоа единствено на местата на кои имаме доволно податоци и сочувани архитектонски елементи.

Има легенда за постоење на тунел под Цареви кули, кој водел од „Свети Петнаесет“ и до други црковни објекти. Дали постои таков тунел?

– Еднодецениските истражувања на платото од ридот, за жал, не ја потврдија легендата за постоење на тунел што води од локалитетот Свети Петнаесет тивериополски свештеномаченици до локалитетот Цареви кули. Ако воопшто постои таков тунел, би требало да го бараме некаде во подножјето, како на пример во месноста Ловен дом, како што тоа, впрочем, е случај со тунелот пронајден под тврдината Исарот во Штип.

Би можело да ве интересира

По 70 години прво подземно скенирање на наоди во античкиот локалитет „Стибера“ кај Прилеп

Ана Ололовска

Египет ги изложи неодамна откриените артефакти стари 2.500 години

Предраг Петровиќ

„На север од егејскиот свет“ – нова книга на археологот Драги Митревски

Минатата година се зголеми македонското археолошко богатство, а науката доби лабораторија за прецизирање на фактите

Ана Ололовска

Конференција за предисториска археологија „Предисторија на Балканот“

Ана Ололовска

Завршија овогодишните истражувања на Градиште-Бислим кај кумановското село Пчиња

Ана Ололовска