Министерот за одбрана Талат Џафери, денеска се сретна со Гинтер Бретшнајдер, директор на НАТО-Евроатлантскиот координативен центар за реакција при елементарни непогоди (EADRCC).
На средбата, како што информира Министерството за одбрана, станало збор за потребата од споделување мислења, практики и искуства во областа на кризниот менаџмент, заштитата и спасувањето.
– Република Македонија од 1991 година, со новата правна рамка одлучно тргна на патот на усвојување на европските правила, процедури и стандарди, пат на исполнување на европските вредности, истакнал Џафери,
додавајќи дека по 2004 година функциите заштита и спасување и кризен менаџмент се концентрирани во Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, со дефинирани правила околу начинот и форматот на употребата на Армијата.
Директорот на EADRCC се заблагодарил за можноста да разговара за оваа тема со претставници од Министерството, упатувајќи на фактот дека во моментот е целисходно да се погледнат досегашните научени лекции во областа. Тој се заблагодарил што Република Македонија прифатила да биде домаќин на семинарот „Научени лекции од операции изведени од Евроатланантскиот центар за координација при катастрофи“ што треба да се одржи во октомври во Охрид.
EADCC е главен цивилен механизам на НАТО за одговор во вонредни состојби во евроатлантската област. Центарот, кој ги вклучува земјите-членки и земјите-партнери на НАТО, е активен и оперативен преку целата година. Функционира како клириншка куќа за координација на барањата и на понудите за помош, главно во ситуации на природни катастрафи и катастрофи предизвикани од човекот.