Плоштад Слобода со собир пред вртелешката во Скопје ја почна активноста наречена „2014 прошетки (низ Центар)“ при што секој ден пред некој споменик ќе одговараат на прашањето: Што би направиле за толку пари колку што чини еден споменик од Скопје 2014?
Од Плоштад Слобода посочија дека вртелешката е дивоградба, со оглед дека одлука за нејзино поставување нема донесено ниту Советот на Град Скопје ниту пак на општина Центар.
Пред вртелешката која чини 160 илјади евра се обрати актерката Синоличка Трпкова.
-Слушнав дека децата се најголемото богатство во Македонија, затоа им го ставија овој карусел, а им ја укинаа комисиата за ретки болести која требаше да има фонд. Тие пари би ги дала за таа намена, а не да бараме хуманитарни акции и да собираме по сто денари. Ова и за луѓето со специјални потреби е срамота, зашто тие луѓе немаат приод до ниеден објект во градот, рече Трпкова.