Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) утврдила дека градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, пред продажбата на земјиштето кај хотелот „Холидеј Ин“ издал извод од планот во кој не назначил дека планот е под мораториум и дека постои ризик да претрпи измени. Изводот од планот го издал поради наводно решавање на имотно – правни односи, но на истиот извод се повикало Министерството за транспорт и врски при продажбата на земјиштето. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Иваноска укажува дека градоначалникот и Советот на Општина Центар треба да се придржуваат на стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето.
„Продажбата ја извршило Министерството за транспорт и врски врз основа на извод од ДУП кој не се применува, согласно одлука донесена од Општина Центар за запирање на спроведувањето. Изводот од планот го издал градоначалникот на Општината за наводно решавање на имотно – правни односи. Во барањето на подносителот е наведено дека изводот од ДУП е потребен за дооформување на парцелата. Изводот издаден од градоначалникот не содржи известување или напомена дека планот за кој се издава е под мораториум и може да претрпи некакви измени при негова ревизија“, рече претседателката Ивановска.
Парцелата била продадена врз основа на позитивно мислење од државниот правобранител, кој до Министерството за транспорт и врски испратил мислење во кое вели дека нема правни пречки да се изврши продажбата на земјиштето. Исто така државниот правобранител во дописот што го доставил до ДКСК истакнал дека градежното земјиште е отуѓено врз основа на важечки детален урбанистички план од 2012 година и укажува дека како прилог на документацијата е доставен и изводот од ДУП издаден од градоначалникот на Општина Центар.
„Околу 625 квадратни метри од земјиштето е на семејство што почнало процес на денационализација во 2013 година, но поради измени во Законот за денационализација од декември 2010 година, според кои се дозволува располагање со имот кој што е предмет на денационализација, земјиштето е продадено пред да биде завршен процесот на денационализација. Пред оваа измена постоела апсолутна забрана за располагање со имотот предмет на денационализација, без никакви дополнителни услови,со што се заштитувал имотот кој е предмет на денационализација, се заштитувале правата на сопствениците или нивните наследници, се овозможувало остварување на целта на законот, а тоа е враќање на имотот на сопствениците, односно наследниците. Наведената измена сметаме дека не е во согласност со Уставот според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите, а правото е една од темелните вредности на уставниот поредок“, рече претседателката Ивановска.
ДКСК ќе испрати барање до Уставниот суд да изврши оценка на членот 64 од Законот за денационализација, а понатаму укажува дека поради фактот дека земјиштето е продадено во време на мораториум кога ДУП се ревидира и може да претрпи одредени измени, постои реален ризик на влијанија од сопствениците на тоа земјиште врз натамошната постапка од ревидирање и донесување на ДУП од страна на Советот на Општината.
„Со оглед на големиот интерес на јавноста и сензитивноста на ова прашање ДКСК ќе поведе иницијативи за преоценка на законските решенија со кои се овозможува системска, односно законска корупција и ќе ја следи судбината на оваа парцела со решенијата кои ќе бидат предложени во идниот детален урбанистички план“, рече претседателката Ивановска.
Министерството за транспорт и врски во октомври 2018 година по цена од 19.200 денари за квадратен метар продаде земјиште од 9.048 квадратни метри спроти хотелот „Холидеј Ин“. Вкупната површина на парцелата изнесува 13.653 квадратни метри од кои 4.605 се приватна сопственост, а 9048 квадрати се сопственост на државата. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески две години тврди дека земјиштето е легално продадено.
На парцелата според ДУП, кој е стопиран, беше предвидена изградба на шеесеткатници.
Градоначалникот Богдановиќ, кој рече дека нема да дозволи да се изградат шеесеткатници, не е достапен за објаснување зошто во издадениот извод од планот не назначил дека тој е под мораториум.