Бројот на барања за азил и мигранти во првите четири месеци од годинава во ЕУ е драстично намален, некаде и за повеќе од четири петтини, покажуваат податоци на институцијата за азил на ЕУ „Еасо“.
Според весникот „Велт“, кој имал увид во бројките кои се уште не се објавени официјално, од јануари до крајот на април, вкупно 164.718 лица поднеле барање за азил во ЕУ, што е за 25 проценти помалку отколку во истиот период минатата година.
Најголем број на барања годинава – 37.471 биле доставени во Шпанија, и тоа најмногу од жители на Колумбија, Венецуела и Хондурас.
Потоа следува Германија со 33.714 баратели на азил, од кои повеќето се од Сирија. Следува Франција со околу 29.000 барања, Грција со 21.000 и Италија со околу 8.000.
Во Австрија, бројот остана релативно непроменет, односно за азил аплицирале 3.700 луѓе. Според „Велт“, кризата со коронавирусот го намали и бранот бегалци кон грчките острови.