Тортевски: Ова што сега го прават политичарите е вулгарен пазар, само Собранието може да одреди датум за легитимни избори

Од:

Не само избори кои се базираат на уредбата донесена во вонредна состојба туку и двете вонредни состојби се нелегитимни сè додека не ги потврди Собранието, смета адвокатот и претседавач на партијата Твоја, Александар Тортевски. И покрај тоа што вчера лидерите на политичките партии известија дека се усогласиле во ставот дека Собранието не може повторно да се свика и тоа не го разгледуваат повеќе како можност, адвокатот Тортевски тврди дека единствен излез од сегашната состојба е организирање избори чиј датум ќе го одреди Собранието.

„Сè додека Собранието не ги потврди вонредните состојби тие не се легитимни исто како и уредбите што се носат со сила на закон. Во уредбата со која се одложуваат изборите не е наведен нов датум за избори. Сега датумот го одредуваат лидерите кои се неформална група, ниту еден правен акт не го дозволува тоа, па од тука изборите, доколку се случат на ваков начин, би биле нелегитимни. Точно е дека Собранието е распуштено и дека нема уставна одредба која би дозволила негово повторно свикување, но ние веќе имаме таква уставна пракса. Собранието трипати се собираше и носеше одлуки кои Уставниот суд не ги оспори, поништи само одлука за одложено распуштање, но не и самото свикување на Собранието“, вели Тортевски.

Тој смета дека Собранието може и мора да се состане, да се испеглаат сите правни празнини и да се разгледаат сите можности. Нагласува дека постои можност двете вонредни состојби и сите донесени уредби да останат непотврдени од Собранието.

Точно е дека Собранието е распуштено и дека нема уставна одредба која би дозволила негово повторно свикување, но ние веќе имаме таква уставна пракса, вели Тортевски

„Доколку Собранието гласаше за вонредна состојба пред таа да биде прогласена, верувам дека ќе беше изгласана без проблем, но вака, кога вонредните состојби ќе бидат завршени, не верувам дека ќе се постигне двотретинско мнозинство. Ќе се тргне од тоа дека мерките биле премногу строги, полицискиот час бил непотребно долг и слично и тие ќе останат да висат. И ова што сега ги казнуваат граѓаните за непочитување на полицискиот час или другите мерки е незаконско, ако стигне до Стразбур казната ќе падне“, вели адвокатот Тортевски.

Техничката Влада формирана за избори премногу долго останува на сила, смета Тортевски поткрепувајќи го ставот дека Собранието мора да профункционира.

„Опасно е за една држава долго време да нема контрола на извршната власт, Собранието е контролата на извршната власт. Во ваков случај, кога нема кој да ги контролира и тие можат до 2025 да прогласуваат вонредни состојби. Контролата мора да се врати, а ова што сега го прават политичките партии е вулгарен пазар“, вели Тортевски.

Непотврдената вонредна состојба и нелегитимните уредби Тортевски вели дека не се единствената причина за нелегитимни избори кои би се случиле летово.
„Коронавирусот е тука, имаме новозаразени и болни по болниците. Многумина нема да сакаат да го ризикуваат здравјето за да излезат на гласање. Дополнително ќе го отежнат гласањето мерките за заштита, замислете секој еден гласач ќе треба да ги симне ракавиците, да го прснат, да ги врати, да се дезинфицира пенкалото, па тоа се дополнителни пет минути за секој гласач. Ако на едно избирачко место има 1.000 гласачи, значи ќе требаат 5.000 минути. Тоа дополнително ќе ги одврати од гласање граѓаните и хипотетички тој што ќе ги добие изборите ќе ги добие со само триесет отсто од гласачите. За каков легитимитет зборуваме во тој случај?“, прашува Тортевски.

За него септември е поповолен период за избори кои би биле легитимно закажани од Собранието.

Уредбата со која беа одложени изборите Владата ја донесе на 22 март, само еден ден пред официјалниот почеток на изборната кампања. Според веќе донесениот роковник за изборите кои требаше да се одржат на 12 април, изборната кампања беше превидено да почне на 23 март и да трае до 10 април.

Уредбата ги сопре сите изборни активности и пропиша дека тие ќе продолжат по престанок на вонредната состојба.

Втората вонредна состојба истекува на 16 мај.

Би можело да ве интересира

Грузиската Централна изборна комисија ги објави конечните изборни резултати, опозицијата продолжува со протестите

Граѓаните не сакаат предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски

Филипче: Ние сме подготвени за избори, ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно

Објавени се конечните резултати од изборите во Подгорица

Проруската владејачка партија прогласи победа во Грузија, опозицијата излегува на протести

Предраг Петровиќ

Бугарите викендов одат на седми предвремени избори во последните четири години, неизвесно е кој ќе биде иден мандатар