Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун ги осуди смртоносните бомбашки напади на Бостонскиот маратон каде има најмалку тројца загинати, меѓу кои едно 8-годишно дете, а бројот на ранети е над 140.
– Оваа пројава на насилства е ужасна бидејќи се случува на настан каде се собираат луѓе од цел свет во спортски дух и хармонија, изјави Бан.
Над 25.000 учесници од десетици држави во светот имаше на тој маратон кој се смета за најстар градски маратон во светот и кој се организира од 1897 година.
– Сакам да изразам најдлабоки сочувства до семејствата на жртвите и да им посакам на повредените побрзо закрепнување, изјави Бан.
Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг изјави дека е шокиран од нападот.
– Мислите ми се со сите жртви, наведе Хејг на Твитер.
Франција увери за поддршка и солидарност до САД .
– Во овие тешки моменти мислите ни се со семејствата на жртвите и ранетите. Упатувам целосна поддршка и солидарност до локалните и федералните власти, изјави портпаролот на француското МНР Филип Лалио.
Британската полиција повторно ги разгледува плановите за безбедност на Лондонскиот маратон кој ќе се одржи в недела и каде се очекуваат повеќе од 30 илјади учесници.
Францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс побара од локалните шефови и силите за безбедност итно да ги засилат патролите низ државата. Засилено е и обезбедувањето на владини згради.
Во Јапонија исто така е засилено обезбедувањето на места каде се собираат голем број луѓе, јавија локални медиуми. Засилено е и обезбедувањето на воени објекти во државата како и обезбедувањето на американски воени бази Јапонија.