Над 100 државјани на Словенија ја искористија можноста и отпатуваа во Хрватска, користејќи ја одлуката на властите во Загреб да дозволат влез на жители на земји од Европската Унија кои имаат имот или работат во земјата.
Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, голем број Словенци имаат викендици или имот во Хрватска, кои поради епидемијата на коронавирусот не можеа да патуваат таму да видат во каква состојба се. Со договор меѓу двете земји од денеска тоа е дозволено.
Портпаролот на словенечката Влада, Јелко Кацин, рече дека земјата официјално ќе побара покрај сопствениците, да можат да патуваат и членовите на нивното семејство, додаваќи дека нема логика дозвола да добие само лицето чие име се наоѓа на имотниот лист.
Првите сигнали од Загреб се дека набрзо ова ќе биде дозволено.
Инаку, хрватската Влада соопшти дека најверојатно границите на земјата за граѓани од други држави ќе бидат отворени од 15 јуни.