На утрешниот состанок на Комисијата за заразни болести ќе се вклучи и владиниот кризен штаб, на кој ќе се одлучува како ќе се регулира полицискиот час за време на викендот, извести министерот за здравство, Венко Филипче.
За општото намалување на рестриктивните мерки, отворањето на кафулињата, рестораните и бизнисите, ќе се одлучува в сабота.
Претходно, како што рече министерот за здравство, ќе се направи анализа од која причина денеска имаше скок на новодијагностицирани од Ковид-19, па согласно тие анализи и ќе се носат понатамошните мерки. Филипче рече дека смета и се надева дека денешниот скок на бројките е само „варијација“.
Согласно овие анализи, в сабота ќе се знае какви мерки ќе бидат предложени, иако, според досегашните најави, се очекува дека кафулињата и рестораните ќе бидат пуштени со работа до 18 часот, ќе остане задолжителното носење маски на затворен простор и на отворен простор каде што не е можно држење физичка дистанца и дека вонредната состојба ќе биде укината најдоцна за десетина дена.