Во неколку грчки градови и во неколку атински населби, во изминатите два дена, односно по укинувањето на забраната за движење на граѓаните, регистрирани се случаи на неформални забави на отворено, на плоштади и пред кафулиња кои служат кафе за носење, но и алкохолни пијалаци, иако тоа не е дозволено, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите во грчките медиуми, бројот на насобрани бил значително поголем од дозволениот (забранети се собири од над десет лица), а не постоело ни потребното растојание.
Првите вакви случај беа во понеделникот, а заменик-министерот за цивилна заштита на Грција Никос Хардаљас вчера попладне за време на редовната прес конференција во Министерството за здравство, без да именува, рече дека „сликата со кафе барови во 23 часот во различни градови, со музика пуштена најгласно, за наводно да земат пијалаци, а клиентите – граѓаните да стојат збиени, десетици внатре и надвор, без да ги држат потребните растојанија и мерки на претпазливост, брутално нѐ навредува сите нас“.
-Упатувам силна препорака до оние кои си играат со јавното здравје и појаснувам дека „земи и носи“ (take away) се однесува на кафето и го наметнува она што го пишува во дозволата за работа. Односно, да нарачаат, да го земат и да си заминат, а не да остануваат внатре или пред кафулето. Ваквите пијалаци од кафулињата или кафе баровите не се дозволени. Исто како што не е дозволено овие објекти да пуштаат гласна музика. Неформалните забави и собирања пред кафе-баровите, под изговор дека има take away пијалоци, едноставно се забранети, рече Хардаљас и потсети дека постојат казни за прекршувачите, како за граѓаните, така и за сопствениците.
Само неколку часа по препораките, но и предупредувањата од надлежниот министер, истата слика беше и во неколку атински населби, како и во неколку грчки градови.
Државниот министер на Грција Јоргос Герапетритис во интервју за грчкото радио „Алфа989“ рече дека ваквите случаи треба да се спречат.
Членот на експертската комисија при Министерството за здравство на Грција, професорот Гикас Мајоркинис за грчката новинска агенција АНА-МПА вели дека таквиот вид забави на отворено кога се над десет лица и не се почитуваат правилата на лична заштита се „жариште на големо пренесување на вирусот“.
Доцна синоќа, се случија инциденти во населба во северниот дел на Атина, откако полицијата била нападната со шишиња и камења при обидот да предупреди група од околу 400 млади лица кои биле на централниот плоштад, дека се забранети собири.