По регуларно спроведените локални избори, на Грција ќе и биде тешко да стави уште едно вето за Македонија, вели д-р Оливер Шварц, експерт за европска политика од универзитетот Дуизбург – Есен, во пресрет на објавување на извештајот на Европската комисија за Македонија.
– Регуларно спроведените локални избори за Македонија се вистинска пресвртница. Немаше забележителни истапи кои би го ставиле под прашање изборниот резултат. Во овој смисол, за Македонија сега се отвора прозорец на можности. За очекување е дека извештајот на Европската комисија ќе биде позитивен со што ќе се подобрат и амбициите – Македонија во јуни од Европскиот совет да го добие датумот за официјалниот почеток на пристапните преговори. Сметам дека со ваквиот тек на случувањата, на грчката Влада сега ќе и‘ биде тешко и натаму да става вето, позиција со која успеваше да го спречи отворањето на пристапните преговори на Унијата со Македонија, истакнува Шварц воизјава за Дојче Веле.
Во врска со мислењата дека Грција и на наредниот Европски совет нема да попушти и ќе стави вето, со што би се повторило сценариото од минатите години, Шварц вели дека таквата опција е можна, но оти сепак очекува тоа да не се случи.
– Мора да се каже дека станува збор за демократска постапка, односно и натаму важи барањето на едногласност при одлучувањето во Европскиот совет. Во овој смисол, Грција во изминатиот период го користеше своето право кое го има според договорот. Сега прашање е до кога, колку долго Грција ќе може да се повикува на ова право? Мора да се каже дека во меѓувреме, во рамките на ЕУ, се препознава јасна тенденцијата дека во интерес на Македонија е преговорите да се отворат. Ова, меѓутоа, не значи дека сега на Македонија ќе и‘ олесни и ќе и‘ биде едноставно. Сосема спротивно, ќе биде уште потешко, зашто впечаток е дека зад спорот со името властите забошотуваат многу работи. Во ситуација кога ќе се отворат пристапните преговори ова ќе биде тешко понатаму да се практикува, зашто со почетокот на скринингот, како што во декември впрочем беше побарано, ќе се стартува со поглавјата 23 и 24 – судството, основните права и слободи. Тоа се тешки поглавја со кои Македонија ќе биде обврзана да ги испорача и очекуваните резултати, коментира Шварц.
И покрај целата ситуација која е обременета со дилеми и нејаснотии, тој е оптимист.
– Уште еднаш би подвлекол дека кога е во прашање приближувањето на Македонија кон ЕУ, Грција сега е во комплицирана ситуација и не верувам дека ќе може во јуни уште еднаш да ги убеди европските партнери да употреби вето за давање датум за пристапните преговори доколку ЕК тоа јасно го побара од Европскиот совет, коментира експертот за европска политика од Универзитетот Дуизбург-Есен Шварц.