Фондот на ОН за деца (УНИЦЕФ) денеска објави дека 46 милиони луѓе, меѓу кои и 19 милиони деца, минатата година избегале од насилство и конфликт, но останале во нивните држави, додека уште милиони се раселени поради катастрофи.
Во извештајот на УНИЦЕФ се вели дека бројот на внатрешно раселени лица како резултат на насилство и конфликт се зголемил од 25 милиони пред една деценија на повеќе од 40 милиони во последните пет години. Исто така, минатата година повеќе од 40 проценти од раселените биле на возраст под 18 години.
Извршната директорка на Уницеф, Хенриета Фор, изјави дека „милиони раселени деца ширум светот немаат соодветна грижа и заштита“ и додаде дека кога се појавува нова криза како што е пандемијата на коронавирусот, тие деца стануваат особено загрозени.
Во 2019 година се регистрирани околу 33 милиони новораселени, меѓу кои и 12 милиони деца, а Уницеф наведува дека пандемијата на коронавирусот годинава уште повеќе ја влоши состојбата за раселените деца и семејства.
Во извештајот „Изгубени дома“ се истакнува дека раселените деца немаат пристап до основни услуги и се изложени на ризик од насилство, експлоатација, злоупотреба, трговија со деца, детски труд, детски брак и одвојување од семејството.
Уницеф повикува на стратешки инвестиции и обединети напори на владите, граѓанското општество, приватниот сектор, хуманитарните организации и самите деца за решавање на овие проблеми.