Норвешкиот весник „Афтенпостен“ во целост го објави говорот на норвешкиот министер за здравство Бент Холе, кој се обраќа до младите, а за пандемијата од коронавирусот. Говорот беше пренесен во голем број медиуми бидејќи содржи длабока и реална слика за сегашноста и иднината на младите генерации, а особено на генерацијата матуранти од 2020 година.
Говорот го пренесуваме во целост:
На сите ни е драго што најмладите се враќаат во училишните клупи. Но, сакам да кажам и нешто за постарите.
Оние кои и понатаму со воздишки седат и чекаат.
Драги тинејџери, не ве заборавивме!
Нам ни е цел да се вратите во училиште пред летото.
Тука се заблагодарувавме на многу луѓе за придонесот и за трудот во текот на оваа епидемија.
И сега е крајно време да се заблагодариме на нашата младина.
Тие поднесоа навистина голема жртва.
Во последните недели возрасните беа во неверување поради забраната за одење во викендици и фрустрирани што мораат да работат од дома.
И јас сочувствувам со нив!
Но, викендиците ќе не чекаат кога сето ова ќе помине.
На работа, исто така, се ќе се врати во нормала.
А кога сте млади, ништо понатаму не може да се спореди со ова сега.
Пролетните денови кога имате 14 години нема да ве чекаат да се вратите.
Летото на 17 години е само едно.
Матурантите нема повторно да бидат матуранти.
Ние возрасните лесно можеме да размислуваме за наредната година.
‘Следната година’ е за старите кои купуваат мелено месо и тоалетна хартија на акција.
‘Следното лето’ не постои кога човек е млад.
Младите размислуваат само за тоа што ќе се случи денес или утре.
Млад си кога фантазираш за тоа што ќе се случи ова лето или ова полугодие.
Кога сонуваш да победиш на турнир во фудбал и да освоиш лига со најдобар резултат.
Кога едвај ја чекаш екскурзијата, каде конечно ќе ѝ пријдеш на твојата симпатија.
Кога планираш каков фустан ќе носиш за матура – се убедуваш со родителите со месеци да ти го купат баш тој, најубавиот – и сонуваш каде ќе играш и ќе се забавуваш таа вечер до доцна во ноќта.
Но, ете, дојде вирусот и ги развеа тие соништа.
Нема повеќе турнири во фудбал и нема екскурзии.
Нема матурски вечери.
И тогаш мораш да се сконцентрираш на теле-часови, додека родителите дигаат врева околу тебе на „Скајп“, на состаноци за работа.
Неверојатно!
Би сакал да можам да ви кажам дека брзо се ќе биде како претходно.
Ама нема.
Ова полугодие ќе биде различно.
Ова лето ќе биде различно.
Цела оваа година ќе биде различна.
Вие сте генерација која ќе мора поинаку.
Вие го ставивте својот живот на чекање, за другите да го зачуваат својот живот.
Се надевам дека сепак ќе играте – иако матурски вечери нема да има.
Се надевам дека сепак ќе постигнете сјајни резултати – иако нема да бидат во фудбал.
Се надевам дека сепак ќе флертувате со симпатиите – иако нема да има екскурзии.
Се надевам дека убаво ќе ја прославите својата матура – иако ќе биде различна.
Вашите години се специјални и неповторливи.
Се надевам дека ќе ви бидат убави и во ваква ситуација.
Младино, најголемо фала! И благодарност до матурантите од генерацијата 2020, ова нема да ви го заборавиме!