Последните измени во Уредбата за примена на Законот за социјална заштита во време на вонредна состојба се резултат на анализите на Министерството за труд и социјална политика за тоа кои критериуми се најчеста пречка за остварување на правото на гарантирана минимална помош, и со нив дополнително се олеснува влезот во системот на социјална заштита, велат од Министерството.
Со првата измена, како што информираат, се продолжува времетраењето на олеснетиот услов за утврдување на материјална необезбеденост. Наместо само за месеците април и мај, утврдување на материјална необезбеденост на домаќинство само врз основа на приходите во последниот месец, се продолжува до декември. Со оваа измена, велат од МТСП, се овозможува брза реакција на системот на социјална заштита и давање финансиска поддршка на домаќинствата кои останале без приходи во претходниот месец од разни причини – престанок на работен однос, губење на други видови приходи и слично.
– Вршиме проширување на опфатот на ранливите групи граѓани кои може да добијат финансиска поддршка. Со измените, право на гарантирана минимална помош може да оствари и тоа домаќинство каде има лице кое е избришано од евиденцијата на невработени лица заради нередовно пријавување или на кое работниот однос му престанал спогодбено, по барање или со отказ, се наведува во соопштението.
Третата важна измена, додаваат, е што дополнително се релаксираат поединечни критериуми за остварување на правото на гарантирана минимална помош. Поседување на возило постаро од пет години и земјиште со површина до 500 метри квадратни, освен земјиштето на кое се наоѓа објектот каде корисникот живее, нема да се сметаат како имот што корисникот може да го оттуѓи или изнајми и на тој начин да се издржува.
– За да се забрза постапката на решавање на барањата за добивање гарантирана минимална помош, центрите за социјална работа ќе одлучуваат само врз основа на доставената документација од подносителот и обезбедената документација по службена должност, а увидот во домаќинството ќе се изврши во рок од два месеци по престанокот на траењето на вонредната состојба, посочуваат од Министерството.
Со последните измени, користењето на правата на надоместок заради попреченост и на надоместок за помош и нега од друго лице, познато како туѓа нега, се продолжуваат додека трае вонредната состојба.
– За да ги заштитиме корисниците на овие права, оние на кои конзилијарното мислење им истекува додека трае вонредната состојба, ќе продолжат да го користат надоместокот без посета на Комисијата и издавање на конзилијарно мислење. Додека трае вонредната состојба не треба да носат ново мислење, туку во рок од два месеци по завршување на вонредната состојба, треба да го направат контролниот преглед, се вели во соопштението.
Мерката за поддршка на постоечките корисници на системот за социјална заштита, со која околу 30.000 домаќинства добиваат по илјада денари енергетски додаток, сега освен за месеците април и мај, се продлжува се до септември, односно и надвор од грејната сезона се со цел, како што наведуваат од МТСП, да им се обезбеди дополнителна поддршка на најранливите семејства.
– Министерството за труд и социјална политика со брза и целна реакција насочена кон ранливите категории граѓани покажува дека никој не е заборавен, додаваат во соопштението.