Во три одделни акции албанската и грчката полиција за помалку од 24 часа заплениле околу 600 килограми албанска марихуана, јави дописникот на МИА од Тирана.
На граничниот премин Капштица, на албанско-грчката граница кај Корча, албанската полиција синоќа заплени 500 килограми марихиана. Дрогата, пакувана во 394 пакетчиња, се обидел да ја прошверцува грчкиот државјанин Илиас Асланидис скриена во камион-ладилник. Марихуаната била набавена во селото Лазарат, познато по производство на марихуана, а требало да заврши на солунскиот пазар.
Полицијата, која потврдува дека ова е најголема количина на дрога отркриена на овој премин ја продолжува истрагата поради сомневања за внешаност и на други лица од двете страни на границата.
Попладнево, на преминот Какавија, на грчко-албанската граница кај Ѓирокастро, грчката полиција заплени 55 килограми мархуана во автомобил во кој патувало грчко семејство, сопружници со две малолетни деца. Полицијата запрела и друг автомобил, во кој имало две лица исто така грчки државјани, кои го контролирале патот на претходното возило. Притворени се четворицата возрасни грчки државјани.
Исто така денеска во Атина запленети се 33 килограми марихуана откриена при контрола на стан во кој живееле двајца студенти Албанци.