Експресниот пат Штип-Крупиште ќе биде пуштен во употреба кон крајот на јуни

Од:

Интензивно се гради експресниот пат од Штип до Кочани. Делницата од Штип до селото Крупиште се очекува да биде пуштена согласно роковите до крајот на јуни, изјавија денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов при увидот на градежните активности на овој патен правец.

Инвестицијата е вредна 20,2 милиони евра, а ова е првата фаза од експресниот пат од Штип до Кочани кој се очекува целосно да се изгради за една година.

– Министерството за транспорт и врски е сериозно фокусирано на реализација на сите проекти планирани за оваа година. Се наоѓаме сред силна градежна сезона, која очекуваме уште повеќе да се интензивира во следниов период. Во делот на патната инфраструктура, градежните работи се одвиваат со силно темпо. Само во овој момент се рехабилитираат преку 150 километри патишта, веќе следниот месец завршуваат тендерските постапки за рехабилитација на околу 80 километри регионална патна мрежа. Активно работиме и на изградба на преку дваесет водоводи и канализации, започнавме со изградба на три нови социјални згради, а железничкото поврзување кон Бугарија и гасификацијата остануваат примарни проекти на Владата, истакна Сугарески.

Тој истакна дека се работи на капиталните инвестиции чија реализација е многу важна за да се амортизира ударот од кризата со пандемијата. Ги отфрли информациите пласирани во дел од медиумите дека има слаба реализација на капиталните инвестиции.

-И покрај кризата, во Министерството за транспорт и врски има и поголема реализација во првиот квартал за разлика од минатата година. Реализацијата на капиталните инвестиции ќе биде на исто толку високо ниво, колку што беше и ланската година, некаде над 85 или 86 проценти, рече Сугарески.

Посочи дека изградбата на гасификационата мрежа се одвива според планираната динамика и оти до крајот на годината се очекува да биде завршена гасодовот од Неготино до Битола.

Според директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, експресниот пат од Штип до Крупиште ќе биде завршен во јуни и ќе биде првиот поголем пат пуштен во употреба годинава со што ќе се обезбеди безбедна и модерна врска со Источниот регион.

– Континуирано се работи и на останатиот дел од Крупиште до Кочани. Во меѓувреме работиме и на сите рехабилитации започнати во текот на есента 2019 година. До крајот на мај месец ќе бидат објавени уште 15 јавни повици за рехабилитација и реконструкција на патната мрежа низ цела држава. Исто така сакам да истакнам дека без прекин се работи на модернизација на мостовите и санација на појавените свлечишта, рече Китанов.

Најави дека до крајот на годината ќе биде завршена и изградбата на патот Штип-Радовиш од мостот на реката Брегалница до рудникот Бучим, а веќе се работи и на вториот дел од оваа делница, од штипската населба Три Чешми до мостот на реката Брегалница и од рудникот Бучим до влезот на Радовиш.

Градоначалникот на Штип, Благој Бочварски смета дека изградбата на новиот експресен пат е од особено значење за економски развој и унапредување на целиот Источен регион и ќе придонесе за побрз и побезбеден транспорт и подобар живот на граѓаните.

Новиот експресен пат Штип-Кочани е во должина од 28 километри, а првата делница од Штип до селото Крупиште е во должина од 14,3 километри. Што се однесува до делницата која ја гради кинески Синохидро од Крупиште до Кочани работите треба да ја завршат во 2021 година.

Би можело да ве интересира

ДЗР: Одржувањето на магистралните и регионалните патишта во опасност поради сериозните финансиски предизвици на ЈП

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

A1on

Сообраќајот на државните патишта во зимски услови, по наместа влажни коловози

(ВИДЕО) Новиот пат кон велешко езеро има променлива ширина, но во најголем дел таа е пет метри, тврдат од Државни патишта

A1on

Поради свлечиште во прекин сообраќајот на патот Крива Паланка – село Луке

Ана Ололовска

Нормализиран сообраќајот на патот Струмица – ГП-Ново Село

Ана Ололовска