Државната изборна комисија на денешното продолжение на седницата го разгледа приговорот за избирачкото место 1882 во Струга на ВМРО-ДПМНЕ, на кое на гласање излегле 335 лица, а во гласачката кутија имало 336 ливчиња. Со четири гласа „за“ беше одлучено избирачкиот материјал од ова избирачко место да биде донесен на увид во Комисијата, на предлог на потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи.
За мнозинството членови на ДИК, повикувајќи се на членот 151 од Изборниот законик, има основа за поништување на гласањето на ова избирачко место во вториот круг од локалните избори, но за него се уште не се гласало. На ова избирачко место во избирачкиот список се запишани 774 гласачи, додека на претходните две поништени гласачки места исто така во Струга 1.887 и 1.860 има 1.487 гласачи.
Претходно денеска мнозинството членови не го прифатија барањето на Бедредин Ибраими, предложен од ДПА, поддржано од потпретседателот на ДИК Субхи Јакупи, од ДУИ по службена должност да се повтори разгледувањето и одлучувањето за прифатените приговори на ВМРО-ДПМНЕ за Струга.
Ибраими образложи дека Комисијата, според него, за приговорите од овие две избирачки места донела противзаконска одлука и обвини за етничка поделеност со цел, како што рече, да се покаже кој е поголем патриот. Јакупи, пак, рече дека доколку не се прифати предлогот на Ибраими ќе се повлече од работата на ДИК.
Тезите дека се гласало по некој етнички клуч не држат, беше дециден Влатко Сајковски, член на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека ДИК има мнозинство за работење и ги замоли своите колеги Албанци да не употребуваат одредени квалификации и работата на ДИК да продолжи на начин како што и доликува на оваа Комисија.
За претседателот на ДИК Борис Кондарко предлогот на Ибраими е атипичен и неоснован, а приговорите беа прифатени со пет гласа. Кондарко рече дека тој ќе гласа за приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за Струга, доколку се тие основани, а не поради тоа што сака да покаже патриотизам. Според него, патриотизам треба да се покажува преку прифаќање на основаните приговори за сите општини вклучувајќи ги оние каде свои приговори имаше и опозициската партија СДСМ, на чиј предлог тој стана претседател на Комисијата.
– Јас јавно ја образложувам својата одлука без калкулирање согласно докази и процедура по закон, изјави претседателот на ДИК, кој потсети дека доколку партиите поднесат жалби на нивните одлуки, Управниот суд ќе одлучува за нив.
Анета Стефановска демантираше дека станува збор за етничко гласање и се спротивстави на наодите дека одлуката на ДИК за поништување на гласањето во Струга е неоснована и незаконска.
На денешното продолжение на седницата, кое иако закажано за 10 и 30, започна во 12 часот, имаше неколку паузи, а членовите на ДИК за четири часа не донесоа одлука за ниту еден од преостанатите 260 приговори. ДИК треба да разгледа уште 13 приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ за Струга и 252 од СДСМ за 15 општини.
Рокот на Комисијата за одлучување по приговорите заврши синоќа во 19 часот.